Зивчевиќ ќе игра на „НБА Африка“ за шампионот на Мароко

Ненад Зивчевиќ повторно се сели во африканската кошарка, откако членот на Куманово ја прифати понудата за ангажман во мароканскиот прволигаш Сале. Станува збор за клуб што е актуелен првак на Марокко, земја каде Зивчевиќ пред неколку сезони со успех настапуваше носејќи го дресот на Хоцеима.

Крилниот кошаркар веќе добил зелено светло за заминување од управата на Куманово, по што потпишал тримесечен договор со Сале.

„Станува збор за исклучително квалитетна и амбициозна екипа. Кога играв за Хоцеима, токму против овој ривал се сретнавме во големото финале, така што челниците на Сале се запознаени со моите квалитети. Со нетрпение го очекувам големиот предизвик“, истакнува Зивчевиќ за ЕКИПА.

А предизвикот не е шампионатот на Мароко, туку новиот проект „НБА Африка“ во коорганизација на НБА ина ФИБА што својата премиера ќе ја има на 16 мај во Руанда. Станува збор за турнир на најдобрите 12 екипи од Африка, чиј дел ќе биде и новиот клуб на Зивчевиќ.

„Тоа дефинитивно е огромен мотив за мене. НБА Африка е проект од кој многу се очекува, чест ми е што веќе во првата година ќе бидам дел од него. Се надевам на добри игри и победи со мојата нова екипа“, вели Зивчевиќ.

Се вчитува...