Златни деца: Македонија влезе во А дивизијата, лекција по кошарка и за Украина

Младинската репрезентација на Македонија оствари фантастичен успех со пласманот во финалето од ЕП – Б дивизија што се одржува во Скопје, откако попладнево ја декласираше и Украина со 66-53 за заслужена промоција во А дивизијата за кошаркари до 20 години. Триумфот е уште позначаен ако се знае дека Македонија настапи без еден од своите најдобри кошаркари, Андреј Митревски, но и во негово отсуство селекторот Василев успеа да состави победничка тактика за остварување на одличен резултат.

Уште од самиот почеток стана јасно дека цврстите одбрани ќе бидат заштитен знак на двете селекции, откако и нашите кошаркари, како и Украинците се мачеа да го најдат патот до противничкиот кош. По седум минути игра резултатот гласеше 6-8 за Украинците, но Македонија фуриозно ја заврши четвртината со водство од 15-8. Одличната игра во одбраната продолжи и на стартот од втората четвртина, во која противникот уште четири минути не постигна поени, а Македонија поведе со 22-8. Украина влезе во ритам и успеа опасно да се приближи, намалувајќи на 24-21, но Симиќ одговори со четири поени и го запре налетот на противникот. На одмор се замина со предност од 33-25, по одличната тројка од десетина метри што ја постигна Мемед, по тајмаутот на селекторот Василев на 0,5 секунди до крајот.

„Црвено-жолтите“ беа подобар противник и во третиот период, кога благодарение на добрата игра во одбрана повторно успеаја да стигнат до двоцифрена предност. При водство на Македонија од 42-30 украинскиот селектор побара тајмаут, Македонија имаше и плус 13, но падот на концентрацијата во финишот од четвртината им помогна на противниците да ја спуштат разликата под десет поени, па во последната четвртина се влезе со предност на нашиот национален состав од 44-38.

Двете селекции се мачеа во нападот на почетокот од четвртата четвртина, пред Мемед со нова тројка да донесе водство на Македонија до 49-40. Нашите кошаркари продолжија со одлично издание, па преку Хот во 35. минута стигнаа до нова двоцифрена предност (52-42).  Мемед беше најдобриот поединец на овој натпревар, откако по намалените 52-45 постигна пет поени во низа и го натера украинскиот селектор на нов тајмаут, на „плус 13“ за Македонија на нешто повеќе од четири минути до крајот. Неизвесност во завршницата не дозволи Мемед со нови пет поени во низа, по што избраниџите на Василев рутински го приведоа мечот до крај, славејќи со конечни 66-53.

Резард Мемед со 24 поени беше најефикасен во таборот на Македонија со 24 постигнати поени, 12 реализираше Амар Хот, додека Симиќ го заврши мечот со осум поени и 11 асистенции.

Македонија во големото финале ќе се сретне со подобриот од мечот Чешка – Шведска, но она што е најважно, со самиот пласман во финалето осигурана е промоција во А-дивизијата.

Се вчитува...