Првиот носител Александар Зверев се пласираше во третото коло на Отвореното првенство на САД по уште еден маратонски натпревар. Изминатава ноќ Германецот го победи Французинот Квентин Алис со 6-4, 4-6, 7-6 (7-3), 6-7 (3-7), 6-3.
Само два дена откако помина четири часа и 53 минути на теренот на почетокот на турнирот во победата над Лоренцо Сонега, Зверев повторно мораше да ги одигра сите пет сета.
Овој пат дуелот траеше четири часа и 33 минути, а поради големата влажност и драматичниот тек на натпреварот, Германецот и Алис се бореа до 2:15 часот наутро по локално време.
Зверев повторно покажа одлична ментална и физичка издржливост и остана во трка за вториот свој грандслем трофеј во кариерата, а прв на Отвореното првенство на САД.
He does it again.
Alexander Zverev wins a second-consecutive five-set match. pic.twitter.com/QyPs34EGkp
— US Open Tennis (@usopen) September 4, 2026
Германецот, кој го освои Ролан Гарос оваа година, ќе мора да најде дополнителна прецизност во своите удари од основната линија во Њујорк ако сака да оди до крај.
Зверев веќе еднаш стигна до финалето на Отвореното првенство на САД. Тоа беше во 2020 година, кога против Доминик Тим имаше предност од 2-0 во сетови, но на крајот претрпе пораз. Овој пат сака да направи уште еден чекор и да ја освои титулата во Њујорк.
Ова е и прв пат да игра како прв носител на Грендслем турнир.
Во третото коло, Зверев ќе игра против 25-тиот носител Алехандро Табил. Тоа ќе биде нова средба меѓу двајца тенисери кои добро се познаваат.
Минатата година, на Отвореното првенство на САД, Зверев го победи Чилеанецот во првото коло.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
