Александар Зверев предолго важеше за тенисер што ги губи клучните мечеви, но германскиот ас блесна во сиот свој сјај во 2026 година во која стигна до две гранслем титули. Зверев е новиот првак на УС Опен откако во вечерашното финале славеше над домашниот миленик Бен Шелтон со 3-1 во сетови, покажувајќи карактер против ривалот кој имаше огромна поддршка од трибините на „Артур Еш“ арената.
Притисокот на самиот старт беше нешто со што Шелтон не се снаоѓаше најдобро, Зверев го искористи тоа за да направи брејк на самиот почеток и да го добие стартниот сет со 6-3. Во вториот дел се играше израмнето се до тајбрејкот, а таму Германецот се одлепи, отвори со 5-0 и на крајот славеше со 7-2.
Шелтон само заа момент ги крена американските фанови на нозе освојувајќи го третиот сет со 5-7, но тоа беше се што домашниот ас успеа да стори. Зверев стигна до брејк на самиот почеток од четвртиот сет, потоа уште еднаш го освои сервисот на противникот и со конечните 6-2 стави печат на големиот триумф и својот втор гранслем трофеј во кариерата, по оној на Ролан Гарос пред неколку месеци.
За Американците, поразот на Шелтон значеше и продолжување на постот без трофеј на машкиот дел од УС Опен уште од успехот на Енди Родик во 2003 година.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
