Барди: Вториот испит ќе го положиме, Србија можеме да ја добиеме

ЕКИПА во Бидгошч,

Никола Ѓуровски, Владимир Булатовиќ, Игор Паневски

Време е за вториот испит. По поразот од Шпанија, младата фудбалска репрезентација на Македонија денеска го игра вториот натпревар на Европското првенство, а противник е Србија. Ја напуштивме Гдиња и заминавме за Бидгошч. Да видиме дали овој град ќе биде таличен за нашите млади момци. Посакуваме денеска да го постигнат првиот историски гол за Македонија на европските првенства, и да го остварат првиот историски триумф.

„Моторот“ Енис Барди е подготвен за бескомпромисна борба. Вели дека ги извлекле поуките и дека денеска ќе го положат вториот испит.

„Научивме многу од дуелот со Шпанците. Игравме добро, но на крајот бевме убедливо поразени. Сега треба да реагираме и да одиграме на сличен начин, но со многу подобар ефект за нас. Верувам дека можеме, затоа што оваа селекција има несомнен квалитет и покажа дека може да се носи и со најдобрите. Србите се ривал за респект, но нема слаби селекции на Европско првенство. Ако го задржиме темпото како од мечот со Шпанија, убеден сум дека ќе радуваме денеска против Србија“, вели Енис Барди.

Имаше неколку фантастични шутеви против Шпанија, но голманот Кепа не дозволи то да ја затресе мрежата на „црвената фурија“.

„Ние сме тим и играме во таков дух. Не е важно кој ќе постигне гол, важно е на крајот да се радуваме. Но, сигурно ќе имам неколку обиди и со Србија. Редно е топката да послуша и да летне на вистинското место“, дополнува Барди.

Се вчитува...