Блокотехна го расипа гостиварскиот празник на кошарката (фотогалерија)

Блокотехна не знае за доста, па амбициозниот тим од Гевгелија ја оствари и деветтата победа во низа во 2018 година. Теренот во Гостивар е „жежок“ за многумина, но избраниците на Марјан Илиевски одиграа беспрекорно во втората и третата четвртина, расипувајќи го празникот на кошарката во овој град, каде е мерак да се играат и да се следат натпревари, во полна сала.

Меѓу присутните можеше да се забележи и тренерот на Работнички, Марин Докузовски, кој во живо ја проследи играта на ривалите со кои тимот од „Градски парк“ допрва ќе се сретне во рамките од вториот круг од домашниот шампионат.

Гостиварци упатија свирежи кон својот сограѓанин Стојан Ѓуроски, а тој им се реваншираше со четири тројки од вкупно пет обиди, за создавање на предноста што на крајот се покажа недостижна.

И двата тима ќе треба што поскоро да го остават овој меч зад себе и да се фокусираат на Купот на Македонија, каде Блокотехна во четвртфиналето ќе се сретне со Охрид, а Гостивар за противник ќе го има Куманово.

Се вчитува...