Блокотехна прва тргнува со подготовки, потпишан и Казарновски

Новиот прволигаш Блокотехна е првиот македонски кошаркарски колектив кој ги стартува подготовките за новата сезона. Без оглед на фактот што уште не се знае ниту терминот на почеток на првенството ниту пак точниот број на учесници, амбициозниот проект од Гевгелија максимално професионално влегува во новата сезона, па тренерот Илиевски вечерва ќе го одржи првиот тренинг со кошаркарите со кои беа потпишани договори во изминатите триесетина дена.

Од денеска нов член на Блокотехна е Антон Казарновски, рускиот крилен центар добро познат на македонската јавност бидејќи пред две сезони настапуваше за екипата на Карпош соколи. Со него ќе се комплетира поставата на странски кошаркари, откако управата на клубот реши да има само тројца немакедонски играчи во тимот. Покрај Казарновски, Блокотехна претходно потпиша договор и со Данило Мијатовиќ од МЗТ Скопје, како и со Американецот Двејн Бенџамин.

Целта ни е професионално да работиме во овој период, за максимално подготвени да го дочекаме стартот на сезоната, без оглед на фактот што се уште ништо знае кога точно ќе почне Првата лига. Стратегијата на клубот е таква да повеќе шанса ќе добиваат македонските кошаркари, поради што наша идеја е сезонава да имаме 12 домашни и само тројца странски играчи“ – истакнуваат од раководството на Блокотехна.

Клубот од Гевгелија на 23 и на 24 август ќе ги одигра првите две контролни средби на домашен терен со Балкан од Ботевград, потоа на 31 август патува за Бугарија, каде ќе се сретне со истиот ривал и со екипата на Рилски спортист. Бугарскиот прволигаш Рилски спортист ќе биде гостин на Блокотехна на 7 и на 8 август во Гевгелија, а новиот македонски прволигаш потоа на 19 септември би требало да замине и на турнир на Кипар.

Се вчитува...