Фени прокоцка „златна предност“, ќе брани само „плус три“ во Црна Гора

Фени индустри си ја искомпликува задачата во четвртфиналната пресметка од БИБЛ со Теодо откако вечерва славеше со само три поени над црногорскиот претставник, 100-97. Кавадарчани имаат за што да жалат бидејќи беа далеку подобар противник во поголемиот дел од средбата, во последната четвртина имаа и петнаесет поени предност (90-75), за на крајот едвај да триумфираат со три поени, минимална предност што ќе ја бранат следната седмица на гостувањето во Црна Гора.

Теодо успеа да парира само околу седум минути, кога по водството на гостите од 9-10 кошаркарите на Фени ја презедоа контролата, па со тројката на Кире Николовски стигнаа и до водство. Првата четвртина заврши со резултат 21-17, за кавадарчани да продолжат да доминираат и во следните десет минути, благодарение на одличниот Чешковиќ зголемувајќи ја својата позитива на десет поени (53-43), откако Ѓекиќ имаше одлична реализација, а потоа и украдена топка и аситенција до Пајиќ во самата завршница.

Гостите од Црна Гора ја стабилизираа својата игра и во третиот период достојно им парираа на македонските кошаркари. Разликата во ниту еден момент не се спушти под пет поени, а во последната четвртина се влезе со водство на Фени од 72-65. Чешковиќ и Ѓекиќ со мини-серија од 5-0 донесоа нова двоцифрена предност на кавадаречкиот клуб. Се чинеше дека нашиот претставник рутински ќе го приведе мечот до крајот, но потоа во самиот финиш дојде до голем пад во концентрацијата што гостите го искористија за да стигнат до израмнување, пред Чешковиќ со тројка да ги постави конечните 100-97.

Чешковиќ одигра фантастичен натпревар и со 39 поени беше најефикасен кај Фени индустри, пред Ѓекиќ со 18 и Јане Петровски со 17 поени.

Се вчитува...