Ќе продолжи ли серијата на Вардар и во Кратово?

Актуелниот шампион Вардар влезе во одлична победничка серија во овој дел од шампионатот и нанижа пет последвателни триумфи во Првата лига. Бодовната разлика во однос на второпласираната Шкендија ја зголеми на 11 бода, но „црвено-црните“ не мислат да застанат. Денеска во Кратово ќе имаат силен тест, со оглед дека Силекс е навистина одличен на домашен терен. Во последните пет меча има четири победи и едно реми. Тимот на Жикица Тасевски пред својата публика игра многу поубедливо.

Но, репрезентативецот Стефан Спировски најавува дека Вардар доаѓа во Кратово за да освои нови три бода.

„Сакаме да ја продолжиме серијата на победи. Оваа предност која што ја направивме на табелата не смее да дозволи никакво опуштање во нашите редови, туку одиме максимално до крајот на сезоната, на победа како и на секој натпревар. Се надевам дека на утрешниот натпревар ќе оствариме нов триумф и дека ќе ги земеме бодовите од натпреварот со Силекс кој што на домашен терен може секого да победи. Сепак, ни ќе дадеме се од себе за уште една победа“, истакнува Спировски.

Кратовци доколку сакаат да си ја исполнат својата желба за излез во Европа, едноставно веќе немаат право на „киксови“, па дури и ако се работи за дуел против шампионот.

ДВОЈКИ ПРВА ЛИГА, 27.КОЛО

СИЛЕКС – ВАРДАР

ПЕЛИСТЕР – ШКЕНДИЈА

РАБОТНИЧКИ – БРЕГАЛНИЦА

РЕНОВА – ПОБЕДА

МАКЕДОНИЈА ЃП – ШКУПИ 

Се вчитува...