Малме не е „баук“, туку предизвик по мера за Вардар

Малме на прв поглед се чини како противник по мерка за Вардар, со оглед на фактот дека меѓу петте потенцијални ривали имаше и посилни (Селтик), но и послаби противници од актуелниот шведски првак (Хафнарфјордур). Мора да се истакне дека „црвено-црните“ против себе ќе имаат моќен фудбалски колектив, клуб кој важи за најтрофеен во Шведска во историјата на фудбалот во оваа скандинавска земја.

Малме е тим што во своите витрини имаа 22 титули во својата земја, надополнети со 14 трофеи во Купот на Шведска, осум од нив како двојни круни. Иако најголемата доминација на Малме траеше во седумдесеттите години од минатиот век, овој тим се враќа со максимални амбиции во последните неколку сезони, па лани конечно успеа да се искачи на тронот. Ривалот на Вардар стигна до титулата во Шведска со освоени 64 бода, вкупно 20 победи, четири реми и шест порази, за четири бода предност во однос на АИК и Норчепинг.

Најдобар стрелец на тимот минатата сезона беше Исланѓанецот Кјартансон, кој постигна 14 погодоци, но добра вест за „вардарци“ е што тој во меѓувреме е продаден во Израел, каде прерасна во лидер на Макаби Тел Авив со 19 постигнати гола.

Предност за шведскиот тим сигурно е фактот дека првенството во оваа земја веќе е во тек. По тринаесет одиграни кола Малме е на делба на првото место со Норчепинг (по 27 бода), но и со натпревар помалку во однос на директниот ривал за титулата. Во досегашните 12 кола актуелниот првак има само еден пораз, и тоа на домашен терен со 1-2 од Норчепинг. Мора да се истакне цврстата игра на Малме на гостувањата, со оглед на податокот дека на седумте меча надвор од својот стадион (четири победи, три реми) голманот на Малме примил само четири гола сезонава.Најдобар стрелец на Малме досега оваа сезона е младиот офанзивен играч за врска Павел Цибицки, кој моментно настапува за младинската репрезентација на Шведска на ЕП во Полска, но би требало да се врати навреме за да настапи против Вардар. Рамо до рамо со него е и искусниот Маркус Розенберг, играч кој претходно настапувал за Ајакс, Вердер и Вест Бромвич Албион. Поголемиот дел од фудбалерите доаѓаат од Шведска, а од странците за одбележување е перуанскиот дефанзивец Јатун и данскиот плејмејкер Кристијансен, кој пред Малме настапуваше во Серија А во дресот на Киево.

Само за потсетување, Малме пред две сезони стигна и до групната фаза од Лигата на шампионите, бележејќи пет порази и една победа во пресметките со Јувентус, Атлетико Мадрид и со Олимпијакос.

Се вчитува...