Пандев доби нов тренер, отказ за Јуриќ

Раководството на Џенова се реши за тренерска смена врачувајќи му отказ на Иван Јуриќ по серијата слаби резултати на оваа екипа. Оваа екипа го допре дното со денешниот пораз од „фенерџијата“ Пескара со убедливи 5-0, по што дел од навивачите уште на полувреме го напуштија стадионот, а дел незадоволни го пречекаа тимот при враќањето назад во Џенова.

Вечерва е донесена и дефинитивната одлука, Горан Пандев и соиграчите ќе добијат нов тренер откако на хрватскиот стручњак и дефинитивно му беше врачен отказ од функцијата шеф на стручниот штаб.

За нов тренер на Џенова назначен е Андреа Мандорлини, кој ја доби довербата на раководството на клубот пред Еди Реја и Андреа Страмачони. За Мандорлини, кој е без ангажман откако во 2015 година доби отказ од Верона, е подготвен договор до јуни 2018 година.

Новиот тренер нема да има нималку лесна задача да ја поправи атмосферата во тимот кој девет кола е без победа во Серија А (две реми и седум порази), по што Џенова падна на 16. место на табелата.

Се вчитува...