Шпанците се веќе сигурни: Енис Барди е најдобриот трансфер во Ла Лига ова лето

Македонскиот фудбалски репрезентативец Енис Барди по само шест кола од новата сезона во Ла Лига, за него дебитантска во шпанскиот фудбал, е прогласен за најдобар трансфер во летниот преоден рок, односно најдобра зделка за клубовите што играат во Примера. Новиот прволигаш Леванте победи во трката за одличниот играч за врска, кој ја предводеше селекцијата на Македонија до 21 година на Европското првенство во Полска, а веќе си обезбеди стандардно место и во А-репрзентацијата на нашата земја.

Скаутите на Леванте одлично ја завршија својата работа, тренерот Хуан Муњиз без размислување му ја даде „десетката“ на Барди и му ја довери организацијата на играта на својот тим. Ефектот е веќе очигледен, Македонецот игра одличен фудбал, ја креира играта на Леванте, кој стартуваше успешно во Ла Лига, а веќе постигна и три гола. Ја покажа и својата фантастична умешност за изведување на слободни удари и веќе го нарекуваат „новиот Дејвид Бекам од Леванте“.

Шпанскиот клуб може да се гордее што успеа да го ангажира за само 1,5 милиони евра од унгарскиот клуб Ујпешт, и сигурно со тоа ја направи најдобрата зделка во Ла Лига ова лето. Клаузулата на Барди изнесува 25 милиони евра, и доколку продолжи со вакви игри, може да се очекува веќе по завршувањето на сезоната, големите клубови од Шпанија и од цела Европа да се вмешаат во трката за ангажман на 23-годишниот играч за врска.

enis bardi najdobra zdelka

Се вчитува...