Темелковски: Ракометот не ни почнал, ниту ќе ни заврши со Лино Червар! - Екипа
Сакај СПОРТ!   Читај Спорт!   Живеј СПОРТ!
Ekipa
Топ Вести
Фудбал
20/09/2017 17:32
Фудбал
20/09/2017 15:30
Ракомет
20/09/2017 13:46
Кошарка
19/09/2017 18:29

Темелковски: Ракометот не ни почнал, ниту ќе ни заврши со Лино Червар!

Темелковски: Ракометот не ни почнал, ниту ќе ни заврши со Лино Червар!

Младинската репрезентација на Македонија оствари историски успех со освоеното шесто место на мундијалот во Алжир под водство на Илија Темелковски. Искусниот стратег кој имаше извонреден резултат и како селектор на сениорите (на СП во Хрватска во 2009), а претходно под негово водство младинската селекција на Македонија во 2002 година стигна до четвртото место на ЕП што се играше во Полска, најдобар пласман на една македонска национална селекција на големите натпреварувања. Вообичаено тивок и скромен, но Темелковски не може да премолчи кога други се обидуваат да се китат со неговите успеси, откако Лино Червар во неколку изјави по Mундијалот во Алжир во јавноста истакнуваше дека тоа е резултат на неговиот проект во Металург, клуб кој даде најголем дел од репрезентативците.

Јас сум 50 години во македонскиот ракомет, никогаш не сум реагирал бидејќи по карактер не сум суетен, но ова веќе ги минува границите на нормалното. Да се излегува во јавност и да се тврди дека тоа е нечија заслуга, како што тоа го прави Лино Червар, а притоа во ниту една реченица да не се спомне стручниот штаб што го остварил тој историски успех, тоа е знак на целосна некултура и непочитување на работата на останатите. Низ годините сме имале бројни странски селектори, но тие секогаш имале почит кон домашните стратези. Червар мисли дека македонскиот ракомет почнал и ќе заврши со него, што апсолутно не е точно, што се виде и со сениорската репрезентација по неговото напуштање“ – истакнува Темелковски на почетокот од разговорот за ЕКИПА.

Тренерот на Пролет потсетува дека истата оваа генерација ракометари претходно и во репрезентацијата беше дел од „проект на Червар“, но доживеа дебакл на ЕП во Данска.

Сега сите ги величиме ракометарите, но да не заборавиме дека оваа генерација беше оценета како „губитничка“, поради слабите резултати на кадетското и на младинското првенство на кои учествуваше. Тогаш тоа беше проект на Червар, надлгедувн од него, со 60-дневни подготовки и сериозни пари вложени од страна на РФМ. За што, за 15. место и нарушување на односите меѓу самите ракометари. Зошто тогаш не излезеше да каже дека тој е дел од пректот, како што всушност и беше, дека поголемиот дел од играчите се од Металург, како што беа и тогаш. Тоа е вистинскиот карактер на Лино, кога е успех се појавува за да се кити со него, но кога ќе дојде неуспех, никаде го нема. Што да кажеме повеќе кога тој дури и индиректно си припиша дел од заслугите за европската круна на Вардар што ја освои Раул, веднаш појавувајќи се со интервју како е горд што тој ги пронашол Циндриќ, Борозан и Марсениќ, носејќи ги во Македонија“ – вели Темелковски.

mladi rakomet sp strucen stab

Селекторот на младинците потенцира дека стручниот успех не е само негов, туку на стручниот штаб со Ице Соколески и Шпанецот Парондо, кој беше задолжен за видео-анализа на противниците, како и директорот Милчо Чакарески.

„Да, ракометарите се тие што се и јас тврдам дека тие се најзаслужни за овој резултат. Поседуваат квалитет, но на нас како стручен што беше да им овозможиме да играат на нивото на својот потенцијал, да ги водиме до победите. И сега некој сака сето тоа да го тргне на страна и да каже дека ова е резултат на некоја мината работа на клупски план. Каков план кога од сите наши репрезентативци само еден играше редовно кај Червар – Филип Кузмановски. Кој е тој клупски план кога Нелоски и Велковски, кои добиваат премалку шанса, во Алжир покажаа дека заслужуваат и позначајна улога. Да не ги споменувам Крстевски, Арсеновски, Палевски… играчи за чиј развој е смешно тој да си презема заслугите“ – порачува искусниот стратег.

Темелковски му беше прв асистент на Червар во стручниот штаб на националниот тим за време на СП во Франција, пред Хрватот среде квалификации да си замине од кормилото на сениорската репрезентација на Македонија.

„Тоа е тоа што го говорам, тој има страв од неуспех и затоа си отиде од Македонија, бидејќи се плашеше дека нема да се пласираме на ЕП. Избега од страв за еден неуспех, а пред јавноста се удираше во гради и промовираше проект „Токио 2020“. Впрочем, тој тука имаше одврзани раце и четиригодишен договор, а во Хрватска доби договор на една година, воедно и остана во Металург. Зошто, па јасно е… се плаши од неуспех и инсистира да има место каде ќе се врати по ЕП во јануари. Ние работевме заедно на СП 2017 во Франција, тој си го припиша тоа 15. место како историски успех, иако многу добро знае дека сме имале и далеку подобри резултати во минатото. Ако е тоа 15. место успех, тогаш зошто не се јавеше да се пофали дека е успех 15. место на последното младинско ЕП во Данска, проект што беше под негова контрола“ – истакнува Илија Темелковски.

mladi rakomet sp temelkovski

Ставот на искусниот стратег е јасен – дека македонските тренери и целокупната јавност мора да почнат што повеќе да се почитуваат самите себе.

За жал, тоа е некаков наш код што го носиме со себе. Немам ништо против странците, сме имале и се уште имаме тренери од странство кои оставаат свој белег, но го почитуваат она македонското, сето она што е направено пред нив. Кај нас за жал Македонците секогаш треба пред своите двојно повеќе да се докажуваат дека вредат за да добијат шанса, додека странците секогаш ги пречекуваме со раширени раце. Тоа е нешто што треба да се промени бидејќи секаде своето се цени повеќе од туѓото, овен во Македонија“ – порачува за крај искусниот ракометен стратег.

Advertisement

Редакцијата на Екипа се оградува од сите коментари со навредлива и заканувачка содржина што ќе ги пласираат читателите. Воедно, бара од сите свои читатели да се воздржат од навреди по национална и верска основа. Таквите коментари ќе бидат повлечени.