Црвена звезда е незапирлива и во Евролигата

Црвена звезда игра фантастична кошарка не само во АБА-лигата каде има скор од 19 победи без пораз, туку и во рамките од Евролигата каде српскиот клуб веќе шести натпревар не знае за пораз. „Црвено-белите“ и на вечерашниот меч, на гостински терен против Басконија, влегоа со улога на аутсајдери, но тоа не им пречеше за само едно полувреме да го демолираат шпанскиот клуб (конечни 69-87), кој лани беше дел и од фајналфор турнирот од Евролигата.

По првите дваесет минути резултатот гласеше неверојатни 27-50, по што избраницита на тренерот Радоњиќ знаеја како да ја задржат предноста до самиот крај. Басконија се приближи само на стартот од последната четвртина, доаѓајќи до 12 поени разлика (58-70), но шампионот на АБА-лигата со нова серија поени ја исклучи секоја можност за камбек на домаќините.

Марко Симоновиќ повторно беше прв стрелец постигнувајќи 23 поени, а одличен беше и Стефан Јовиќ со 18 поени, 12 асистенции и четири украдени топки.

Само за потсетување, фантастичната серија на Црвена звезда почна на 22 декември, кога оваа екипа го совлада Реал Мадрид со 82-70. Во меѓувреме во Белград паднаа и ЦСКА Москва и Фенербахче, додека на гостински терен беа забележани значајни победи над Макаби и Жалгирис, како и оваа денешната во Виторија. Со оваа серија од шест победи во низа „црвено-белите“ уште повеќе се зацврстија во делот од табелата кој води во четвртфинале, а успешната низа ќе се обидат да ја продолжат и на следниот натпревар, на домашен терен против Панатинаикос што ќе се игра в четврток.

Се вчитува...