(1) МАКЕДОНЦИ НА СП: Видиниќ, Дојчиновски, Панчев и Станојковиќ!

Нашата репрезентација уште еднаш ќе биде далеку од собирот на најдобрите светски фудбалски репрезентации. И престојниов Мундијал во Русија останува без македонско обележје, нешто слично како и низ изминатите мундијалски занимливости, па токму поради тоа за нас некако редовно останува само потсетувањето за присуството на македонското име на Светските шампионите во фудбалската историја.

======================================================================================

Четворица Македонци низ 88-годишната историја на Мундијалите го почувствувале вкусот на најголемиот светски фудбалски собир, и тоа тројца како играчи и еден селектор.

Благоје Видиниќ

За многумина малку е познато дека Македонија на две првенства е присутна меѓу елитата од позиција на селектор. Прославениот наш голман, освојувач на олимписки медали но и европски вицешампион, Благоје Видиниќ, иако никогаш како фудбалер, беше дел од Светските првенства во 1970 и во 1974 година, како селектор на репрезентациите на Мароко и на Заир.

Како играчи, пак, се разбира тогаш во дресот на поранешна Југославија, дел од најдобрите биле Кирил Дојчиновски на СП 1974 во Западна Германија, и Дарко Панчев и Вујадин Станојковиќ на СП 1990 во Италија.

Како и да е, за нас, во секој случај, остануваат желбата и императивот, и покрај претходното индивидуално присуство, наскоро сепак и низ годините на независност да го најдеме патот до СП како колектив.

ВО ПРОДОЛЖЕНИЕ, НАРЕДНИВЕ ДЕНОВИ ДО ПОЧЕТОКОТ НА СП 2018 ВО РУСИЈА, НИЗ НЕКОЛКУ ТЕКСТОВИ НА ЕКИПА, ПОДЕТАЛНО ЌЕ ВЕ ПОТСЕТИМЕ ЗА ЧЕТВОРИЦАТА МАКЕДОНЦИ КОИ ДОСЕГА ЈА ПОЧУСТВУВАЛЕ МОЌТА НА МУНДИЈАЛИТЕ!

Се вчитува...