10 ФАКТИ пред утрешното финале на Алкалоид: Галевски, Серафимов, Кире Лазаров, непобедливост….

Алкалоид е најуспешниот македонски колектив сезонава на европската сцена, во краткото досегашно постоење на клубот, доаѓајќи веќе и до првата можност за освојување и на првиот европски пехар.

Тимот од Автокоманда утре во СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје, кој е распродаден до последното место, го очекува реванш натпреварот против грчки АЕК во финалето на ЕХФ Европскиот куп. По предноста од четири гола за македонскиот тим од првиот натпревар во Атина (25-29), сега се посакува ново квалитетно издание на избраниците на Кирил Лазаров како можност и за доаѓање до толку посакуваниот трофеј.

Пред утрешната пресметка на Алкалоид со Грците, и 10 факти во очекувањето на финалето на ЕХФ Европскиот куп:

1. Алкалоид е непоразен на домашен терен оваа сезона во Европскиот куп на ЕХФ, победувајќи на сите пет натпревари. Дома Алкалоид е неприкосновен и во домашното првенство, со досега 11 победи и само едно реми.

2. Поразот од Алкалоид беше прв за грчкиот АЕК Атина на домашен терен сезонава во ЕХФ Европскиот куп.

3. Македонија, првпат во својата ракометна историја, може да дојде до трофеј во Европскиот куп на ЕХФ. Тоа е вклучително и во периодот кога овој Куп во минатото беше нарекуван ЕХФ Градски куп и ЕХФ Челинџ куп.

4. Македонскиот голман Иван Галевски го има убедливо највисокиот процент на одбранети пенали во еден финален натпревар во ЕХФ Европскиот куп. Со пет одбранети пенали од шест, и 83% успешност на првиот меч во Атина, Галевски е убедливо најдобриот во овој показател во историјата на ова натпреварување.

Иван Галевски во Атина

5. Македонскиот репрезентативец Мартин Серафимов од Алкалоид е на бројката од 68 постигнати гола во натпреварувањето сезонава, и сега заостанува девет гола зад најдобриот стрелец на ЕХФ Купот, Дијано Нерис.

6. Мартин Серафимов во моментов е со просек од 6,18 гола по натпревар, девет гола му недостасуваат за да биде најдобар стрелец во натпреварувањето.

7. Кирил Лазаров може да дојде до својот втор трофеј во европските клупски натпреварувања. По освојувањето на трофејот во Лигата на шампионите во сезоната 2014/15 со Барселона како играч, сега може и да дојде до првиот свој трофеј во европските купови како тренер.

8. Од сезоната 2015/16 откако е под овој формат, ЕХФ Челинџ куп и ЕХФ Европски куп, освојувачот на трофејот бил победник и на првиот натпревар од двомечот во финалето. Единствен исклучок е нерешениот резултат во првиот натпревар во сезоната 2018/19.

9. АЕК Атина реализираше само 49% од своите шутеви во првиот натпревар, што е најслаб процент на реализација во финалните натпревари во ова натпреварување. А, голманите на грчкиот тим имаа 22% одбранети удари, што исто така е еден од најниските проценти на финалните натпревари.

10. Во првиот натпревар од финалето во Атина, со присуство од 7.800 навивачи беше соборен рекордот на најголем број навивачи во историјата на еден ракометен натпревар во Грција.

Се вчитува...