(2) МАКЕДОНЦИ НА СП: Видиниќ е таткото на фудбалот во Африка!

Нашата репрезентација уште еднаш ќе биде далеку од собирот на најдобрите светски фудбалски репрезентации. И престојниов Мундијал во Русија останува без македонско обележје, нешто слично како и низ изминатите мундијалски занимливости, па токму поради тоа за нас некако редовно останува само потсетувањето за присуството на македонското име на Светските шампионите во фудбалската историја.

======================================================================================

Можеби за многумина ќе прозвучи зачудувачки меѓутоа Македонец е тој кој со златни букви е запишан во аналите на африканскиот фудбал. Нашиот Благоје Видиниќ, почнувајќи го фудбалот од скопски Вардар, заврши, и ден-денес, како едно од најпочитуваните тренерски имиња кое успеа да го промовира фудбалот од Африка во светски рамки.

Името на Видиниќ и денеска се негува како икона за Африканците кои го сметаат за еден од промоторите на модерниот фудбал на својот континент. Интересно е дека Африка за прв пат со свое учество на Светските првенства започна токму под палката на нашиот Благоје Видиниќ во 1970 година кога Мароко го одведе на шампионатот во Мексико.

МАКЕДОНЕЦОТ Е ПРВ СЕЛЕКТОР КОЈ ПРЕДВОДИ РЕПРЕЗЕНТАЦИЈА ОД АФРИКА НА ЕДНО СВЕТСКО ПРВЕНСТВО

Завршувајќи ја својата извонредна играчка кариера низ која, како репрезентативец на поранешна СФРЈ, се закити со вицешампионската титула на ЕП 1960 во Франција, но и со сребрен медал од Олимпијадата во Мелбурн 1956 како и со злато од Олимпијадата 1960 година во Рим, Видиниќ уште на 35-годишна возраст ја презема селекторската функција на Мароко. Веднаш им ја носи титулата-континентален првак, по што на СП 1970 година во Мексико, Мароко е првата селекција од Африка на која ФИФА и дозволува да биде регуларен партиципиент на шампионатите. Претходно, единствено инцидентно во прелиминарните рунди во 1934 година Египет одигра само еден натпревар.

И веднаш уште на првото свое учество, Благоје Видиниќ е запишен како првиот селектор кој и носи мундијалски бод на Африка. Мароко, се разбира, не ги мина натпреварите по групи, меѓутоа максимално го привлече вниманието на фудбалскиот свет. Загуби од Германија (2-1) и Перу (3-0) а ремизираше со репрезентацијата на  Бугарија (1-1).

Vidinic kako selektor na Zair
Благоје Видиниќ како селектор на Заир на СП 1974 во Западна Германија

По тој успех, Видиниќ во 1972 година ја презема селекторската палка на Заир (денешна ДР Конго).

И, сосема очекувано прогласен е за почесен граѓанин на оваа централноафриканска земја откако веднаш успева да обезбеди учество на Заир на СП 1974 година во Западна Германија.

За Африканците учеството на Заир на СП е посебно специфично, со оглед на тоа што е првото на мундијалите, како што самите истакнуваат, на “црн афрички тим”, бидејќи пак селекцијата на Мароко, претходно, со оглед на местоположбата и колонијалното влијание во земјата, беше составена и од добар дел бели фудбалери. Во тие години, според форматот на ФИФА, од Африка на завршницата на светските собири можеше да учествува само една репрезентација. Заир на првенството во Западна Германија забележува три порази од Бразил (3-0), Шкотска (2-0) и оној убедливиот од поранешна Југославија (9-0).

Популарниот Бане по селекторувањето со Мароко и Заир во 1976 година ја презема и селекторската функција на јужноамериканската Колумбија по што во 1979 ја завршува и својата тренерска кариера, концентрирајќи се на семејниот живот во Франција, каде и го завршува својот животен пат на 29 декември 2006 година во Стразбур. Од 2000 година, забележан како еден од првите Македонци кои се закитуваат со олимписки медал, со посебно признание од Македонскиот олимписки комитет е впишан во друштвото на македонските олимписки великани.

 

БЛАГОЈЕ ВИДИНИЌ (1934 – 2006)

КАРИЕРА: Вардар (1952-1955); Раднички Белград (1955-1961); ОФК Београд (1961-1964); Сион (1964-1966); Лос Анѓелес Торос (1967-1968); Ст. Луис Старс (1969)

ТРЕНЕРСКА КАРИЕРА: Мароко (1969-1972); Заир (1972-1976); Колумбија (1976-1979)

УСПЕСИ: ЕП 1960-Франција (сребрен медал); ОИ 1956-Мелбурн (сребрен медал); ОИ 1960-Рим (златен медал)

 

ВИДИНИЌ – НАЈДОБАР СВЕТСКИ ГОЛМАН ВО 1960 ГОДИНА

Благоја Видиниќ е единствениот Македонец кој во фудбалот се закитил со два медали од Олимписките игри. Од нашите фудбалски имиња и Милко Ѓуровски има медал од Олимпијадите, бронзениот од 1984 година во Лос Анѓелес.

Видиниќ, пак, во генерацијата на Милош Милутиновиќ, Јосип Скоблар, Драгослав Шекуларац, Милан Галиќ, Влатко Марковиќ, Фахрудин Јусуфи, Дражен Јерковиќ…, беше најзаслужниот за освоеното злато на СФРЈ на Олимписките игри 1960 година во Рим, кога во одлучувачкиот натпревар за пласман во финалната рунда со домаќинот Италија бранеше одлично за 1-1, а во финалето беше едноставно несовладлив при триумфот од 3-1 над Данска.

Vidinic kako golman protiv SSSR
Благоја Видиниќ како голман на дуелот со СССР во 1960 година

Македонскиот голман во 1960 година од ФИФА беше прогласен за најдобар светски голман откако стигна и до вицешампионската титула на ЕП во Франција. Тогаш во финалето во Париз, Југославија дури по продолженијата загуби од СССР со 2-1.

ВО ПРОДОЛЖЕНИЕ, НИЗ НЕКОЛКУ ТЕКСТОВИ НА ЕКИПА, ПОДЕТАЛНО ЌЕ ВЕ ПОТСЕТИМЕ ЗА ЧЕТВОРИЦАТА МАКЕДОНЦИ КОИ ДОСЕГА ЈА ПОЧУВСТВУВАЛЕ МОЌТА НА МУНДИЈАЛИТЕ!

Се вчитува...