Османи: Резултатот во Австрија не беше реален, ќе го докажеме тоа во Скопје

Шефот на стручниот штаб на Шкендија, Ќатип Османи, очекува неговиот тим да прикаже добра игра на утрешниот реванш против Салцбург. Свесен дека е преамбициозно да се најавува чудесен триумф од 4-0 и пласман во следната рунда, искусниот стратег акцент ќе стави на играта, се со цел тетовци да добијат уште повеќе на самодоверба во наредните европски пресметки, најверојатно против норвешки Розенборг за влез во групната фаза од Лигата на Европа.

„Сакаме да покажеме дека оние 3-0 од првиот натпревар не се реални, сакаме да се претставиме во најдобро светло. На тој прв меч примивме голови на наши грешки, а шансите што ги создадовме не ги реализираме, тоа мора да се поправи во Скопје. Наше е да дадеме максимум, да се обидеме да победиме, па потоа ќе се фокусираме на наредните предизвици. За Розенборг моментно не размислуваме, целиот фокус ни е насочен само кон Салцбург“ – изјави Османи.

Воедно, тренерот на Шкендија објави и дека поради повреда утрешниот реванш ќе го пропушти Мевљан Мурати, кој мораше да биде повлечен од игра на дербито со Вардар во саботата.

Се вчитува...