Наумче Мојсовски: Сакаме повеќе македонски клубови на турнирот во Струга

Струга изминативе денови живееше со ракометот и со натпреварите на 46.издание на традиционалниот струшки ракометен турнир. РК Струга и Еурофарм Работник ја бране честа на македонскиот клупски ракомет меѓу осумте учесници на годинашниот турнир. Публиката задоволна, учесниците исто така, и оние што се редовни гости во Струга, но и оние како Целје што годинава за прв пат настапија на традиционалниот летен турнир во Струга.

Наумче Мојсовски од годинава во улога на прв човек во организацијата на турнирот изрази задоволство од сработеното и најави што се плановите за идните изданија на оваа ракометна манифестација.

„Добивме многу пофални зборови од гостите и може да бидеме задоволни од годинашното издание на турнирот. Прва година ни е секако дека има и грешки што треба да се поправат и некои работи што може да бидат подобри. Ова е турнир со богата традиција и ќе настојуваме од година во година да добива уште повеќе на квалитет и да оди нагоре. Со самото доаѓање на вакви квалитетни екипи мислам дека следната година ќе биде полесно да дојдат уште подобри. Сакам да го задржиме тоа ниво. Во иднина ќе целиме да има и повеќе наши македонски екипи. Тоа е една од заложбите за следната година“ – истакнува Наумче Мојсовски.

Се вчитува...