Дончиќ: Не сакам да полемизирам околу тоа кој заслужува да биде „руки“ на сезоната во НБА

Кошаркарот на Далас Маверикс, Лука Дончиќ,  вели дека ја избегнува дискусијата околу тоа кој ја заслужува наградата за најдобар дебитант во сезоната во НБА. Како се ближи крајот на сезоната се повеќе се зборува за тоа кој ќе го земе признанието за најдобар новак во лигата. Засега во најтесна конкуренција покрај Дончиќ е и плејмејкерот на Атланта Хоукс, Тре Јанг, кој во последно време добива голема поддршка од кошаркарите.

Донован Мичел, Кајл Кузма и Блејк Грифин, меѓу останатите јавно на друштвените мрежи напишаа дека според нив американскиот плејмејкер би требало да ја добие наградата. Сите овие коментари не го интересираат Дончиќ кој вели дека колку и да е важно да ја добиеш наградата за најдобар руки, има многу поважни работи во кариерата.

„Свесен сум за се што се случува. Штом излезат коментари на Твитер јас истиот момент ги заборавам. Да се биде најдобар дебитант е важно, но постојат и други работи кои треба да се направат. Сезоната во НБА е долга, ќе има уште многу коментари на темата, но јас не сум заинтересиран да полемизирам“, вели Дончиќ. 

Дончиќ сезонава во НБА бележи просечно по 21 поен, 7,6 скока и 5,8 асистенции, а Јанг 18,7 поени, 7,9 асистенции и 3,6 скока.

Се вчитува...