Лесна група за младите ракометари на СП 2019

Македонската репрезентација ќе има лесна група во првата фаза од Светското Првенство за ракометари до 19 години што летово ќе се одржи во Скопје. На ждрепката во Базел групите ги влечеа челниците на РФМ, претседателот Живко Мукаетов и генералниот секретар Филип Милошевски, заедно со селекторот Данило Брестовац.

Според вообичаената пракса, домаќините по петте извлечени шешири можеа да бираат во која група ќе се најдат, а нашата делегација без многу размислување ја избра групата Ц. Во неа, „црвено-жолтите“ ќе се сретнат со Данска, Бахраин, Јапонија, Аргентина и Нигерија, во обид да се стигне до што подобар пласман и учество во следната рунда.

„Сигурен сум дека нашата прекрасна земја ќе биде успешен организатор на овој мундијал“, изјави претседателот на РФМ, Живко Мукаетов, пред почетокот на свеченото извлекување.

Светското Првенство за ракометари до 19 години ќе се одржи во нашата земја во периодот од 6 до 18 август.

 

Се вчитува...