МЗТ го реши и Сплит

МЗТ Скопје ја забележа и петтата победа во АБА2 лигата откако македонскиот првак вечерва по голема битка триумфираше над Сплит со резултат 70-64. „Металците“ настапија ослабени по заминувањето на Омот, но сепак успеаја да стигнат до посакуваниот резултат, со кој остануваат на делба на врвот на табелата.

Сплит беше тимот што го контролираше резултатот во поголемиот дел од првото полувреме, гостите отворија со предност од 4-11, МЗТ ја заврши првата четвртина со минимална предност од 15-14, но хрватскиот претставник направи пресврт во вториот дел и на одмор замина со позитива од 27-34. Македонскиот првак набрзина се врати, со тројката на Дамјан Стојановски со тројка донесе водство од 42-41, по што до самиот крај можеше да се проследи апсолутно неизвесен меч.

МЗТ Скопје имаше предност од 61-56, но гостите со шест поени во низа и за момент стигнаа до минимално водство. Сепак, „металците“ како и против Борац Чачак повторно заиграа најдобро кога беше најважно, преку Маслинко и Дамјан Стојановски си создадоа предност што ја задржаа се до конечните 70-64.

Капитенот Стојановски беше прв играч на овој натпревар со 24 поени, а двоцифрен ефект имаше само уште центарот Крстевски, кој го заврши мечот со 12 поени и осум скокови.

Се вчитува...