50 ГОДИНИ ОД ФРАНКФУРТ: Кога Југославија и на македонски погон дојде до СП 1974 (ВИДЕО)

На денешен ден, точно пред 50 години, повозрасните генерации во Македонија добро се сеќаваат на еден од најдобрите репрезентативни фудбалски натпревари на поранешна Југославија.

На 13. февруари 1974 година, на стариот „Валд стадион“ во Франфурт, пред 63.000 гледачи, Југославија и Шпанија го играа баражот за пласман на Светското фудбалско првенство во Германија 1974. Југославија победи со 1-0 со голот на Јосип Каталински уште во 13. минута, и се пласира на завршницата на јубилејното 10. Светско првенство кое се одржа во тогашна Западна Германија. Истата година ФИФА го избра Бразилецот Жоао Авеланж на претседателското место, наследувајќи го легендарниот Стенли Раус кој претходно 13 години беше прв човек на ФИФА.

А, Југославија некако таа мундијалска година фудбалски функционираше на македонски погон. Претседател на Фудбалскиот сојуз на Југославија тогаш беше Македонецот Павле Давков, на селекторската функција беше ‘битолчанецот’, како од милина го нарекуваа Миљан Миљаниќ, роден во Битола, а во репрезентативниот состав стандарден член беше и еден од најдобрите македонски фудбалери во историјата, Кирил Дојчиновски.

И тој 13. февруари секако Давков, Миљаниќ и Кирил Дојчиновски беа во Франкфурт кога се славеше големата победа над Шпанија и пласманот на СП 1974. Тогаш Југославија имаше феноменална генерација предводена од капитенот Драган Џајиќ, а во која беа и Мариќ, Буљан, Петковиќ, Облак, Богичевиќ, Ачимовиќ, Хаџиабдиќ, Караси… Кирил Дојчиновски беше во репрезентативниот тим на Миљан Миљаниќ и на Мундијалот во Германија, но не доби шанса да запише настап на Светското првенство.

Во Франкфурт пред точно 50 години беше уште еден Македонец, доајенот на македонското спортско новинарство Атанас Костовски кој известуваше за РТ Скопје, и по натпреварот единствен реализираше разговор со стрелецот на победоносниот гол Јосип Каталински, тогаш легендарниот фудбалер на сараевски Железничар.

„Секако дека беше огромно славје во чартер авионот на враќање од Франкфурт во Југославија. Секако беше голем успех, имаше и огромна еуфорија, се сеќавам речиси 90% од стадионот во Франкфурт беше со навивачи на Југославија. За нас како Македонци беше огромна гордост што на чело на сојузот беа Македонците, Павле Давков, а потоа на Мундијалот 1974 и Перо Коробар, кој го презеде претседателското место, а зад чии имиња тогаш и остана силно запишан овој успех потоа и со квалитетниот настап на репрезентацијата во четвртфиналната фаза на Светското првенство“ – се сеќава на денот пред 50 години, Атанас Костовски.

Инаку, за Мундијалот 1974 во Западна Германија, беше изработен нов пехар во старата форма на кој до денес се испишани имињата на светските прваци во фудбал. Претходниот пехар замина во трајна сопственост на Бразил кој во 1970 година по трет пат стана светски шампион и така го освои претходниот пехар на Жил Риме.

Светски шампион во 1974 година беше Западна Германија предводена од селекторот Хелмут Шен и капитенот Франц Бекенбауер.

Се вчитува...