Барселона продолжува со слабите игри во Евролигата од минатата сезона, откако каталонскиот гигант во третото коло го претрпе својот втор пораз, овојпат на домашен терен од Жалгирис со резултат 75-81. Шарунас Јасикевичиус одлично ја постави играта против својот поранешен клуб, литванскиот првак водеше речиси цел натпревар и сосема заслужено стигна до победата. Ханга со дабл-дабл од 19 поени и 10 скока беше единствена светла точка во Барселона, а најефикасни кај Жалгирис беа плејмејкерите Мициќ со 20 и Пангос со 16 поени.
Реал Мадрид го совлада Милано со 100-90, но и покрај ваквиот конечен исход мора да се истакне дека италијанскиот тим во огромен дел од мечот целосно им парираше на „кралевите“. На помалку од две минути до крајот Реал водеше само пет поени, за избраниците на Пабло Ласо сепак да го привршат овој меч и да стигнат до трета победа. Македонскиот репрезентативец Џордан Теодор постигна 10 поени и имаше пет асистенции, но заработи и исклучување поради две технички грешки за приговори кон судиите, по една во финишот од третата и стартот од четвртата четвртина.
Олимпијакос му го нанесе првиот пораз на Макаби славејќи во Израел со минимални 68-69, откако Норис Кол го промаши шутот за победа на домаќините. Принтезис беше главна фигура на овој натпревар, реализирајќи 21 поен.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА