Хрватскиот спортски неделник „Макс“ од Загреб, големата дерби пресметка меѓу Ријека и Динамо Загреб која вечерва од 19 часот на „Кантрида“ ќе ја одлучува и шампионската круна во Хрватска, ја најавува и со значаен простор во своите анализи на Македонците кои оставиле силна трага во Првата лига низ изминатите 25 години.
„Најдобрите Македонци во 25 годишната историја на ХНЛ“ е дел од насловот на магазинот во кој се компарираат најдобрите осум Македонци со најдобрите Словенци во хрватскиот шампионат.
Почнувајќи од актуелниот тренер на Вардар, Гоце Седлоски (Хајдук и Динамо Загреб), преку Горан Ставревски (Загреб), Горан Тодорчев (Осијек и Интер Запрешиќ), Наум Баткоски (Ријека и Задар) и Илија Несторовски (Интер Запрешиќ) па се до актуелните членови на Ријека, Стефан Ристовски и Леонард Жута и на Осијек, Музафер Ејупи, магазинот „Макс“ ги потенцира македонските фудбалери секогаш со значајна улога во најдобрите хрватски екипи.
„Во овие 25 години, се чини како никаде на друго место Македонците имаат значајна улога во хрватската лига… Од Гоце Седлоски преку Илија Несторовски, па се до Стефан Ристовски во моментов.
Во својот текст, магазинот „Макс“ пренесува изјава и на една од легендите на Вардар и македонскиот фудбал, Ерол Демир, но и поранешен репрезентативец на младата селекција во поранешна СФРЈ, кој е одличен познавач на состојбите и во македонскиот и во хрватскиот фудбал…
„Навистина ми е драго што македонските фудбалери имаат таква улога во хрватскиот фудбал. Знаете, ние отсекогаш сме биле талентирана нација, но секогаш е прашање зошто покрај Панчев, Најдоски или Пандев не добивме уште некој врвен играч. Најголем проблем е во менталитетот. Македонските фудбалери се одлични техничари, но многу брзо се задоволовуваат и со личниот и со колективниот успех. Што се однесува околу актуелните играчи, и за Несторовски и за Ристовски и за Ејупи заедничко е што многу работат, а Стефан Ристовски е вистински бисер“ – вели Ерол Демир.
Магазинот „Макс“ потенцира и дека рекордот во најмногу години во хрватски клубови од македонските фудбалери го држи Гоце Седлоски кој играјќи во сезоните од 1998 до 2005 стигна и до капитенската лента во Динамо Загреб, со тоа што претходните две сезони ги мина во Хајдук од 1996 до 1998 година.
Интересно, во анализата не се нагласува Аријан Адеми, актуелниот репрезентативец на Македонија, кој се очекува од октомври повторно да се врати на фудбалските терени по суспензијата. Но, се чини, Хрватите и натаму го сметаат исклучиво за свој фудбалер, кој потекнува од хрватските фудбалски школи, без разлика на одлуката да игра за Македонија.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА