Поранешниот македонски репрезентативец Илчо Наумоски својата тренерска кариера ќе ја стартува на Далечниот Исток, во Кина. По добивањето на неопходната УЕФА Б лиценца, Наумоски доби извонредна можност да работи во една од најпознатите фудбалски академии во Кина, Шангај СИПГ во координација со славниот австриски репрезентативец Пол Шарнер.
На покана на поранешниот капитен на австриската репрезентација Пол Шарнер, кој во својата кариера има играно за Австрија Виена, Салцбург, англиските Виган и ВБА, како и германскиот бундеслигаш Хамбургер, Илчо Наумоски ќе биде дел од фудбалската академија за најмлади категории во Шангај, а потоа и во Нијанг. За извонредно високи финансиски услови, во академијата во Шангај се вклучени и германски и холандски тренери кои заминуваат, исто така, по препорака на Шарнер.
„За мене претставува огромна чест поканата од име како Пол Шарнер да работам во академии во Кина, земја во која фудбалот е во огромен развој. По извесната тренерска активност изминатава година во Австрија, ова претставува прво скалило кон мојот вистински фудбалски ангажман во иднина. Почнувам со тренерската кариера во извонредно организирани фудбалски академии во Кина, продолжувајќи активно и со моето доусовршување се до добивањето на неопходната ПРО лиценца“ – открива за ЕКИПА, Илчо Наумоски.
33-годишниот Илчо Наумоски одигра 45 натпревари за репрезентацијата на Македонија. Својата богата играчка кариера ја заврши во ФК Вардар, предвреме прекинувајќи ја по тешката повреда пред три години.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА