Конечно крај на агонијата за македонскиот репрезентативец Аријан Адеми. Арбитражниот суд во Лозана по долго одолговлекување попладнево ја соопшти одлуката по жалбата на Адеми за претходно изречената четиригодишна суспензија од УЕФА, при што неговата казна е намалена од четири на две години!
Според информациите од Лозана, тоа ќе значи дека Адеми ќе може да се врати на фудбалските терени од месец септември оваа година.
Информацијата од Арбитражниот суд ја потврдија и од Динамо Загреб, вест која дефинитивно е повеќе од позитивна и пред денешниот квалификациски натпревар на Македонија против Лихтештајн.
Оваа одлука од Лозана и можеше да се очекува, иако според добрите познавачи на ситуацијата Аријан Адеми заслужи комплетно укинување на казната затоа што воопшто не бил виновен за позитивниот допинг по дуелот со Арсенал во септември 2015 година во Лигата на шампионите. Но, доколку судот во Лозана комплетно ја укинеше казната тоа ќе значеше и исплата на огромни финансиски средства како отштета за македонскиот репрезентативец од страна на УЕФА. Па, се чини Арбитражниот суд пронајде некое балансирано решение.
ЕКИПА и согласно своите информации од извори од УЕФА, уште во јануари најави укинувањето на казната за Аријан Адеми. Иако, уште тогаш можеше да се насети дека ќе се бара некое „соломонско решение“ наспроти единствено праведното – целосно укинување на казната.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА