Четири кандидати за титулата во „екстремен спуст“

Четири натпреварувачи ќе го започнат својот поход кон титулата во големото финале на сезоната од светското првенство во екстремен спуст на лизгалки коешто ветува најинтересна завршница во 17-годишната историја на трките во Red Bull Crashed Ice. Никогаш претходно немало толку многу кандидати за титулата на последната трка од најбрзиот спорт на лизгалки во пресрет на финалето на сезоната. Интензивна битка ќе има и во женскиот шампионат каде што три спортистки се во потера по светскиот наслов на трката којашто доаѓа на истата вечер кога Канада слави 150 години од своето осамостојување како држава.

Американецот Камерон Неш има тесна предност пред сонародниот Максвел Дан, со 2.600 поени наспроти 2.272,5 поени, но од третото и четвртото место со шанси за титулата се и Канаѓанецот Скот Кроксал (2.237,5 бода) и Австриецот Марко Далаго (2.088,5 бода), затоа што победата носи 1.000 поени, и оној што ќе се радува во канадската престолнина Отава воедно може и да ја понесе титулата. Лизгачите ќе постигнат брзини и до 80 километри на час натпреварувајќи се по четворица на 375 метри долгата патека од вештачки мраз, којашто има висинска разлика од 35 метри, а е поставена над историскиот Ридо канал во системот паркови во Отава.

Би сакал да освојам две титули во низа и да станам првиот човек што некогаш го направил тоа. Сепак во овој спорт може се да се случи“ – рече Неш, кој ја брани титулата од минатата година, а оваа сезона победи на отворањето во Марсеј и на трката од Купот на лизгачите што се одржа во Ла Сар, Канада. Неговите резултати се пример за конзистентност оваа зима бидејќи пет пати во низа се најде на подиумот.

Дан и Кроксал можат да стигнат до титулата само со освојување на победата, додека Марко Далаго, којшто е светски првак од 2014 година, освен што е потребно да победи, ќе зависи и од пласманот на Неш и Дан, кои мора да бидат на третата позиција или подолу.

Слична е ситуацијата и во женска конкуренција, каде што шанса за триумф имаат три натпреварувачки, а Американката Аманда Транзо (2300 поени) има предност пред Канаѓанките Жаклин Лежер (1800 поени) и Миријам Трепание (1790 поени), кои ќе се надеваат на поддршка од домашната публика, која се очекува да ја има повеќе од 100 илјади и да им помогне да ја освојат победата. Математиката вели дека во женската конкуренција, каде што исто така се забележува рапидно подобрување на конкуренцијата во овој брзорастечки спорт, Американката Транзо може да стигне до светскиот наслов со освојување или на првото или на второто место, додека Канаѓанките Лежер и Трепание за конечна радост имаат потреба и од победа, но и од лош пласман на нивната главна конкурентка којашто во тој случај треба да се најде на третата позиција или подолу.

Во светското првенство на екстремен спуст на лизгалки учествуваат 128 натпреварувачи од 22 земји на светот, кои доаѓаат од пет континенти за да се тркаат на замрзнатата патека полна со пречки, стартувајќи по четворица, при што двајцата најдобри продолжуваат во следната рунда.

Се вчитува...