Поранешниот селектор на Англија, Рој Хоџсон, е главен фаворит во трката за нов менаџер на Лестер, објавија вечерва неколку англиски медиуми. Иако по смената на Клаудио Раниери името на Рој Хоџсон не беше споменувано како сериозен кандидат за предводник на „лисиците“, последните информации велат дека 69-годишниот стручњак е новиот фаворит за нов предводник на актуелниот првак.
Весникот „Дејли мејл“ тврди дека веќе дошло до средба меѓу Хоџсон и газдата на Лестер, Вичаи Шриваданапраба, при што искусниот стручњак ги освоил симпатиите на првиот човек на шампионот на Премиер-лигата.
Раководството на Лестер најавило дека најдоцна до крајот на оваа седмица ќе го соопшти името на новиот менаџер, а не се исклучува ниту можноста шанса да добие досегашиот асистент Крег Шекспир, кој го водеше тимот при извонреднатаа победа од 3-1 над Ливерпул.
Само за потсетување, Роберто Манчини и Гус Хидинк веќе ја отфрлија можноста за преселба на клупата на Лестер, а денеска истото го стори и португалскиот стратег Серџо Консеисао.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА