Македонскиот репрезентативец Давид Бабунски имаше старт од соништата во дресот на Јокохама Маринос во 1. коло од јапонската Суперлига.
Бабунски го постигна првиот гол за Јокохама на стартот од новата сезона во јапонскиот шампионат во победата од 3-2 против тимот на Урава. Давид Бабунски погоди во 13. минута за отворање на резултатот, и тоа со велемајсторски погодок со шут од околу 20 метри на асистенција на Саито.
Бабунски одигра 80 минути на дуелот во кој Јокохама стигна до победата со погодоците на Уго Виера во 85. минута и Маеда во 92. минута.
Поранешниот фудбалер на Барселона и на Црвена Звезда е првиот Македонец, по Стевица Ристиќ во 2013 година, кој воопшто успеал да се запише во листата на стрелците во јапонското првенство.
Дуелот меѓу Јокохама и Урава мина во феноменална атмосфера на „Нисан стадионот“ во Јокохама пред 40.000 навивачи кои ја поздравија првата победа во сезоната.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА