Македонскиот капитен Кире Лазаров во наредните две сезони ќе настапува за францускиот Нант. Тиражниот француски весник „Л’Екип“, преселбата на најдобриот стрелец на последнот СП во Франција, од Барселона во Нант ја рангира на првото место во Топ 5 трансферите во Франција за претстојната сезона. Зад трансферот на Лазаров во Нант на второто место е доаѓањето на норвешкиот репрезентативец Сандер Сагосен од Алборг во ПСЖ, а по него следуваат трансферот на младиот француски репрезентативец Мелвин Ричардсон, од Шамбери во Монпелје, Ксавиер Бараше од ПСЖ во Ст.Рафаел и Чема Родригез од Веспрем во Саран.
Францускиот весник открива и дека месечната плата на македонскиот бек во Нант ќе биде 15.000 евра.
„Не отстапивме од нашиот основен принцип, така да се каже, нема некоја огромна разлика во платите на нашите играчи. За Кирил Лазаров имаше одредени специфични работи. Во секој случај, неговиот основен мотив не се парите туку освојувањето на трофеи“ – изјави за Л’Екип, претседателот на Нант, Гаел Пелетие.
Кире Лазаров во преселбата во Нант гледа нов предизвик и ново искуство во француското првенство.
„Гледав неколку натпревари на Нант, ми се допаѓа нивниот систем на игра. Одат на победа против секого, без разлика на имиња и ликови на другата страна. Слушнав и дека Нант ја има и најдобрата публика во шампионатот. Тоа е нешто што многу ми се допаѓа“ – истакнува Кире Лазаров за „Л’Екип“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА