Македонската карате репрезентација за кадети, јуниори и постари јуниори, во Софија, Бугарија изминатиот викенд се покажаа во одлично светло, а нашиот репрезентативец Петар Заборски го освои бронзениот медал во највисоката младинска категорија, У-21.
„Карате спортот е во голем подем и има голем потенцијал, а во последниве неколку години имаме неколку европски шампиони и вице-шампиони во повеќе категории и во машка и женска конкуренција, со што карате спортот дефинитивно е меѓу најуспешните и најтрофејните спортови во земјава. Тоа се докажа и на ова Европско првенство. Со овој огромен успех, македонското карате продолжува да ги испишува светлите страници во својата спортска историја. Практично, ова е прв медал за македонското карате, откако овој спорт стана дел од Олимпиското семејство“, истакна директорот на Агенцијата за млади и спорт, Марјан Спасески, на пресот организиран во куќата на спортот.
Тој упати честитка до сите репрезентативци, до тренерите и целокупниот стручен штаб на карате репрезенатацијата за големиот успех и порача дека Агенцијата за млади и спорт и понатаму финансиски и логистички ќе го поддржува карате спортот во државата.
„Голем дел од нашите репрезентативци се и носители на стипендиите, кои ги доделува АМС, како и на највисокото спортско признание, Националното спортско признание – Спортска пензија, со што им оддаваме почит и јавно признание и докажуваме дека државата се грижи и понатаму ќе продолжи да се грижи за врвните спортисти, кои ја промовираат Република Македонија на меѓународната спортска сцена. Во таа насока, носителот на бронзениот медал од ова ЕП, Петар Заборски ќе се стекне со стипендија од меѓународна категорија, Согласно законот за спортот и Правилникот за категоризација, односно во следните 2 години ќе добива месечен паричен надоместок во висина од нешто повеќе од 1 просечна плата“ – додаде Спасески.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА