Од Краков до Торшавн, таму некаде на Фарски Острови, што се не претуривме преку глава во оваа ракометна олимписка 2016 година. Имаше и победи и порази, и радост и тага, и простувања и солзи, и нови почетоци и нови надежи, пензии и стипендии, потписи и „отписи“, и експерименти и магии, и убави голови и седмерци и по некоја „статива“… Издвојуваме само неколку моменти кои ставија белег на изминатата 2016 година.
1. Голот на Манасков што ја крена Македонија
ЕП во Полска, „Таурон Арена“ во Краков, Македонија и Србија играат меч да се биде или не. На Србија и треба победа, на Македонија и реми и е доволно за пласман во вториот круг на ЕП. На 12 секунди пред крај, Србите се во втората фаза, на три секунди пред крај-пресвтрт. Дејан Манасков лета во шестерецот и на прва статива ја сместува топката зад грбот на Дарко Станиќ. Десетка на Манасков и 27-27 на семафорот. Македонија остана во Краков, Србија се врати дома. Кумашинот (Манасков) му пресуди на кумот (тогашниот српски селектор Дејан Периќ).
Ова е голот што вреди да се погледне, и што воодушевува, одново и одново…
[vionvideo url=”http://ekipa.mk/video/36b3e5d40fae3260ae8fb52ab3a0c6e5.mp4″]
2.Олимписката депресија и „тииииит“ изјавата на Столе Стоилов
Три месеци подоцна, ракометните патишта повторно не однесоа во Полска. Рио и Олимпијадата беа на дофат. Втор обид и само два чекори до олимпискиот сон. Но, од сонот на крај пак остана само кошмар. Поразот од домаќинот Полска беше помалку или повеќе очекуван. Оној од Тунис – не. Со него дојде елиминацијата и кошмарот. Го потценивме противникот или се преценивме себе си? Може ли два пати да се направи иста грешка? Дали имавме олимписка генерација или Олимпијадата сепак, беше само пуста желба? Многу нешта останаа со прашалници после овие олимписки (не)квалификации.
„Игравме како п…..ки“ – рече Столе Стоилов директно во камерите.
Беше тоа гола вистина во три збора.
Имаше потоа бурни реакции и проверки на факти. Залудно и небитно.
Ракометарите останаа без Олимпијада, а Македонија пак остана само со “вајлдкарташи“ во Рио.
Олимписката депресија се уште е дежурна „дијагноза“ за секој лош настап и за секој пораз потоа…
3.Замина Обрван – дојде Червар
После Хрват – пак Хрват, ама со македонски пасош. Македонија во „селекторскиот сегмет“ остана верна на хрватската тренерска школа.
По поразот од Тунис и неуспехот во олимписките квалификации, Ивица Обрван поднесе оставка од селекторската функција. Од сите свои претходници, Обрван издржа најдолго на селекторската клупа – три години и два месеци, што баш и не е така лесно. Од едни критикуван од други фален, Обрван со Македонија го сочува континуитетот и за три години зад себе остави три настапи на големите натпреварувања, две европски и едно светско првенство… и „фаталните“ олимписки квалификации во Гдањск.
На негово место набрзо потоа дојде Лино Червар. Тренерот на Металург два пати претходно беше блиску, но не седна на селекторската клупа. Во третиот обид трофејниот Хрват, конечно стана селектор на Македонија. Најави подмладување, промени, експеримети и „нова Македонија“ на СП.
Храбро го отпиша Борко Ристовски поради „емоционална истрошеност“ и сите „стари“ голмани од списокот. Но, по мавровските подготовки, го врати Никола Митревски во составот. Вели дека за подмладување на една репрезентација треба храброст и визија…
Дали „новата Македонија“ е добра визија или лоша проценка ќе видиме веќе за десетина дена на СП во Франција.
4.Солзите на Наумче и враќањето на „Жути“
Наумче Мојсовски и Филип Миркуловски на јунскиот бараж официјално се простија од националниот дрес. Мојсо со солзи ја најави „пензијата“ уште по неуспешниот настап на олимписките квалификации во Гдањск, а во јуни во емотивен настап со победа се прости и од македонската публика.
Смената на генерации е неминовност, а дека без нив двајца нема да биде лесно, се виде уште на стартот на новиот квалификациски циклус.
Повредата на Филип Кузмановски во кој надежно се гледа наследник на старите борци, го врати Миркуловски одново во репрезентацијата. „Жути“ реши да го одложи „пензионирањето“ и да и помогне на репрезентацијата на СП во Франција. На „нова Македонија“, сепак и треба и малку стара сила.
5.Фарски острови – прв дел
Машката кадетска репрезентација на европскиот шампионат во Б дивизија во Варна, Бугарија, загуби од Фарски Острови. Поразот на македонските кадети од ваква ракометна „велесила“ која што има вкупно жители колку што има Македонија ракометари, ги покоси надежите за светлата иднина на нашата ракометна нација.
Нормално, после имаше оправдувања со „стомачни вируси“ и диареи, ама остана горичината од поразот. И фарсата со Фарски. Колку и да се обидувавме да и пуштиме вода по диареата.
6.Фарски Острови – втор дел
За среќа, Фарски Острови ќе ги паметиме и по нешто добро во годинава што ја испративме. Женската ракометна репрезентација на Македонија, токму против „Фаранките“ на Фарски Острови го скрши малерот и четиригодишната серија без победа. Младиот состав на македонската репрезентација славеше против Фарски Острови, а потоа направи подвиг и го победи и Исланд, ги помина квалификациите и обезбеди пласман во баражот за СП 2017.
Мал чекор за човештвото, голем за младиот македонски состав кој со години се бори да излезе од црната дупка во која западна македонскиот женски ракомет во последните 5-6 години.
7.„Ферарито“ на Давид Дејвис
Давид Дејвис повторно седна зад воланот на „црвено-црното“ Ферари. Минатата сезона ја заврши на Ф4 во ЛШ како помошник на Индира Кастратовиќ на клупата на женскиот Вардар. Со првиот натпревар на стартот од новата сезона, Индира беше сменета од клупата на вардарки, а довербата на клупата повторно ја доби Давид Дејвис.
„Летечкиот Шпанец“ минатата сезона беше уникатен феномен и единствен тренер што беше во исто време на клупата на два тима во Лигата на шампионите, и во машкиот Вардар како помошник на Раул Гонзалес и во женскиот Вардар како помошник на Индира Кастратовиќ. И успеваше да стигне и кај едните и кај другите.
„Понудата од ЖРК Вардар е како да добиеш Ферари на подарок. Не се одбива“ – сликовито објасни харизматичниот Шпанец.
„Ферарито“ на Дејвис сега вози со полна брзина кон четвртиот Ф4 и во мај треба да се паркира на подиумот во Будимпешта.
Нека ни е среќна и успешна 2017!
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА