Борко Ристовски имаше извонредна партија на голот во победа на Барселона на гостувањето против Пуенте Хенил со 19-38, во натпреварот во АСОБАЛ лигата. Барселона која е неприкосновена во шпанското првенство, со 17 победа и едно реми сезонава, уште еднаш ја потврди фаворитската улога и очекувано брзо го реши и овој дуел во своја полза.
Гостите доминираа во текот на целиот натпревар, првото полувреме го завршија со водство од 10-17, а потоа ја задржаа доминацијата и во вториот дел и рутиснки ја зголемуваа предноста. Во новата победа на Барселона во АСОБАЛ лигата, значајна улога имаше Борко Ристовски на голот. Македонскиот репрезентативен голман го заврши натпреварот со 15 одбрани и со високи 44 проценти на одбранети удари кон голот, а постигна и еден гол. Најефикасни во составот на Барселона беа Валеро Ривера со осум и Тимоти Нгесан со шест гола.
Следен на календарот на Барселона е дуелот од Лигата на шампионите против Висла Плоцк на 17 февруари.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА