Талески: Стартуваме со поголеми амбиции во ЛШ, Барса е прв тест

Филип Талески со Рајн Некар Левен вечерва против Барселона на домашен терен во САП Арена ја отвора новата сезона во Лигата на шампионите. „Лавовите“ имаа перфектен почеток на домашна сцена со освојувањето на германскиот  Супер Куп на што потоа додадоа и четири убедливи победи во првите четири натпревари вп Бундеслигата.

Сето тоа беше добро загревање на избраниците на тренерот Николај Јакобсен пред дуелот со Барселона и стартот на новата сезона во Лигата на шампионите во која годинава ќе настојуваат да го надополнат она што го испуштија лани.

„Оваа година ни се поголеми амбициите во Лигата на шампионите и сакаме да направиме поголем успех од она што го постигнавме во изминатите сезони. Сакаме да бидеме најмалку во првите осум екипи, а потоа да се бориме и за настап на Ф4. Натпреварот со Барселона ќе ни биде тест да видиме до каде сме и дали ќе можеме да ги оствариме зацртаните цели за оваа сезона или ќе треба уште да работиме на тоа. Барселона секоја година има одлична екипа и одлични играчи кои секогаш играат на највисоко ниво. Нашата цел на денешниот натпревар е победа и старт со два бода во новата сезона во ЛШ“ – истакнува Филип Талески.

Рајн Некар Левен и Барселона досега имаат одиграно девет меѓусебни натпревари во Лигата на шампионите во кои и двата тима имаат по три победи, а три дуели завршиле со реми.

Покрај Рајн Некар Левен и Барселона, во „пеколната“ А група во ЛШ се уште и Вардар, Монпелје, Веспрем, Кјелце, Мешков Брест И Кристиојанштад.

Се вчитува...