Деби на Цветковски, пораз на Вецлар

Македонскиот голман Јане Цветковски го одбележа своето бундеслигашко деби на голот на  на Вецлар. Но, немаше многу среќа победнички да го прослави својот прв настап. Тимот на Вецлар кој во својот состав го има и Филип Миркуловски со капитенска улога, на домашен терен беше поразен од Мелсунген со 26-34  и го запиша четвртиот пораз по ред во првите пет кола во Бундеслигата.

Домаќините во текот на целиот натпревар беа во подредена позиција. Уште во првата четвртина поведе со 4-7, а првиот дел го заврши со водство од 11-16. Во второто полувреме Мелсунген беше уште подоминантен и од минута во минута ја зголемуваше позитивата, достигнувајќи и двоцифрено водство од 16-26.

Цветковски во второто полувреме доби шанса да го замени Тил Климпке, но во седумте минути колку што беше на голот не запиша ниедна одбрана. Климпке заврши со девет одбрани. Филип Миркуловски остана без погодок од еден шут кон голот, а најефикасен во составот на Вецлар беше Максимилијан Холст со осум гола. Кај Мелсунген, Јулиус Кун и Тобијас Рајхман постигнаа по осум, а Домагој Павловиќ шест гола. Небојша Симиќ заврши со осум одбрани за гостинскиот тим.

Се вчитува...