Подмладениот и преполовен од повреди тим на Металург нема ниту време за одмор, бидејќи веднаш по враќањето од Португалија пред него е нов предизвик, дуелот од СЕХА-лигата против Извиѓач. Станува збор за ривал против кој „металурзите“ со право се надеваат на прва победа сезонава, иако тренерот Оливер Димитриоски потенцираше дека приоритет на клубот од Автокоманда е мечевите од СЕХА да се искористат за воигрување и создавање на компакнта екипа.
„В среда играме со екипата на Извиѓач кој исто така има загубено три натпревари во првите три кола. Кај нас и натаму најголем проблем се повредите и јас само се надевам дека ситуацијата ќе се среди до среда. Под знак прашалник повторно ќе бидат Јагуриновски и Велковски. Се надевам на позитивен резултат, иако тоа не ни е во преден план, туку создавање на тим кој ќе може да ги даде резултатите за неколку години“ – изјави Димитриоски, кој на денешната прес-конференција го зазеде местото на шефот на стручниот штаб Данило Брестовац, отсутен поради здравствени причини.
Пивотот Милан Лазаревски порача дека „металурзите“ се подготвени да докажат дека вредат и на дуелот со Извиѓач в среда да стигнат до првата победа во регионалното натпреварување.
„Уште на почетокот на сезоната ни се случија голем број повреди. Се враќаме по поразот од Лигата на шампионите, кој јас лично тешко го преболувам. Кратката клупа за нас е кобна на секој натпревар. Тактички ние добро сме подготвени, но физички не издржуваме и тоа ни се случува на секој натпревар. Секако, малиот број на играчи во ротација не треба да ни биде оправдување, па, и покрај тешките околности, треба да направиме нешто повеќе и да покажеме дека вредиме. Против Извиѓач ја гледам шансата за прва победа во оваа сезона. Победата ќе влијае на подигувањето на самодовербата на нашите играчи, а тоа е многу значајно. Ние сме благи фаворити, убеден сум дека ќе го запишеме првиот триумф“ – истакна Лазаревски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА