Дербито на првото коло од СЕХА-лигата целосно ги оправда очекувањата, откако Веспрем по голема битка успеа да слави на гостувањето во Белорусија против Брест Мешков со минимални 27-28. Унгарскиот првак наиде на достоен ривал на својот камбек во регионалното натпреварување, а ракометарите на Брест имаат за што да жалат бидејќи на две минути до крајот имаа водство од 27-26, но на крајот сепак претрпеа пораз.
Дејан Манасков доби шанса во првото полувреме и одигра одлично, постигнувајќи четири погодоци од пет обиди кон противничкиот гол. На одмор се замина со предност на Веспрем од 14-16, а израмнетата битка продолжи буквално до последната секунда. Ненадиќ го постигна голот за победа во 59. минута, а Брест Мешков го имаше последниот напад со играч повеќе, но Цупара го одбрани ударот на Шкурински, за разочарување меѓу домашните навивачи.
Цупара го заврши натпреварот со 11 интервенции (Штербик имаше само една), а најефикасни кај Веспрем беа Расмус Лауге со шест и Манасков и Тонесен со по четири погодоци. Прв стрелец на Брест Мешков при денешниот пораз беше Ѓукиќ со осум постигнати гола.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА