Аргентина го сруши сонот на Србија за освојување на титулата на Светското првенство во Кина, откако во првото четвртфинале ја совлада со 97-87. Искусните Аргентинци покажаа поголема желба за победата и заслужено се најдоа меѓу четирите најдобри на Мундобаскетот.
Аргентинците подобро го отворија мечот отворајќи со серија од 12-4 по која следеше тајм-аут на селекторот на Србија Ѓорѓевиќ. Скокот во напад на Србите беше клучниот фактор за враќањето во мечот во првата четвртина и само минимална негатива (25-23) по десет минути игра. Втората четвртина беше пресликана како првата. Аргентинците погодуваа од секоја позиција, а Србија ја држеше одличната игра на Никола Јокиќ под обрачите. „Гаучосите“ на полувреме заминаа со позитива од пет поени (54-49).
Во третата четвртина Србите заиграа подобро во одбраната, дозволувајќи и на Аргентина само четиринаесет поени, доближувајќи се на само минус еден (68-67). Аргентина шутерски одлично ја отвори последната четвртина, а на пет минути до крајот на мечот стигнаа до девет поени разлика (82-73). До крајот на мечот разиграните Аргентинци погодуваа од секоја позиција, за конечен триумф од 97-87.
Ѕвезда број еден во Аргентина беше Кампацо кој имаше дабл-дабл учинок од 18 поени и 12 асистенции, а ветеранот Скола уфрли 20 поени, надополнети со 5 скока. Кај Србија најефикасен беше Богдановиќ со 21 поен.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА