Вардар и без пола тим им одржа лекција на Кинезите во СЕХА

Едуард Кокшаров ја забележа првата победа како тренер на Вардар откако „црвено-црните“ вечерва рутински славеа на гостувањето против Универзитет Пекинг со убедливи 28-36. Кинезите своите средби како домаќини ги играат во Загреб, а на „вардарци“ не им пречеше ниту отсуството на бројни првотимци бидејќи и со комбиниран состав се покажаа како пресилен ривал.

„Црвено-црните“ уште од самиот почеток наметнаа темпо што кинескиот состав не можеше да го следи, веќе во седмата минута резултатот гласеше 1-5. Во главна улога во првото полувреме беше словенечкиот пивот Сикошек Пелко, кој безмилосно ја полнеше мрежата на домашниот тим, па на одмор се замина со убедлово водство на Вардар од 10-21, со голот на Димитриески во последната минута од првото полувреме.

Кокшаров им даде шанса и на дел од помладите ракометари во тимот на Вардар, но тоа не се одрази врз играта, македонскиот првак продолжи да го контролира резултатот и на крајот заслужено славеше со конечни 28-36.

Младиот Ќосевски максимално ја искористи укажаната шанса и постигна седум гола, исто толку реализираше и Пелко, а шест пати прецизен беше Димитриоски.

Ова беше само загревање за претстојниот предизвик во ЛШ, домашниот натпревар против Брест Мешков.

Се вчитува...