Ракометарите на Работник одиграа разочарувачки натпревар во СЕХА-лигата, губејќи на домашен терен од Брест Мешков со резултат 32-35. Гостинот е со поголемо ракометно реноме од битолските „фармацевти“, но она што вечерва разочара е фактот дека белорускиот првак допатува во Битола речиси со „втор тим“, без бројни клучни ракометари, но сепак успеа да му одржи лекција на македонскиот вицешампион.
Преголемата самодоверба дека лесно ќе се справат со ослабениот противник беше неоснована, од самиот почеток гостите покажаа дека немаат намера предвреме да се предадат. Напротив, оние играчи кои не се најстандардни го дадоа максимумот на теренот, носејќи рано водство од 0-3 и 1-4. Работник успеа да израмни на 8-8, извесен период се играше израмнет ракомет, за Брест Мешков да замине на одмор со минимална предност од 17-18.
Гостинскиот состав го отвори второто полувреме со серија од три гола, создавајќи предност што битолските „фармацевти“ во ниту еден момент не успеаја да го стигнат. Македонскиот претставник успеа да се приближи само до 22-24, потоа разликата во неколку ситуации стигнуваше до два гола, но Брест ги издржа сите налтеи на избраниците на Алушовски, за заслужена победа.
Јотиќ со осум и Ојлески со шест гола беа најефикасни во таборот на Работник, додека Митревски имаше 15 интервенции, но и тоа беше недоволно за да се избегне пораз на денешниот натпревар.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА