Научници од Универзитетот Оксфорд се оптимисти дека во најскоро време ќе ја комплетираат вакцината за Ковид-19, по што над еден милион примероци од овој лек ќе можат да бидат произведени во Велика Британија. Над 80 групи на научници ширум светот се обидуваат да најдат лек за болеста од која секојдневно умираат илјадници луѓе, за голем дел од нив прогнозите се дека вакцината ќе биде на пазарот за 12-18 месеци, но Британците се оптимисти дека тоа ќе го сторат многу побрзо.
ББЦ открива дека медицинскиот тим во Оксфорд веќе креирал „шимпанзо вирус“, во него внесувајќи ја базата за новата вакцина. Практично, со внесувањето на вакцината во организмот би бил внесен и „сигурен вирус“, кој ќе го научи имунитетниот систем да се избори со Ковид-19. Тестирањата врз луѓе почнаа минатиот четврток, а првите официјални резултати се очекуваат во мај. Членови на тимот тврдат дека веќе во август ќе се има конкретна информација колку оваа вакцина би помогнала во борбата против коронавирусот, а доколку се мине според очекувањата, ќе се почне со производство на еден милион вакцини кои најпрвин ќе бидат дадени на населението во Велика Британија.
„Долго време работам на оваа технологија, 80% сум сигурна дека вакцината што ја подготвивме ќе даде резултат“, изјави Професор Сара Гилберт од Универзитетот Оксфорд.
За победа над оваа болест ќе треба да бидат произведени најмалку 100 милиони вакцини, бројка што Британците се надеваат дека ќе ја достигнат најдоцна до крајот на годинава. Сепак, најважно од се е најпрвин тестовите да ги дадат посакуваните резултати, по што производството значително би се интензивирало.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА