Пандемијата на коронавирус направи сериозни проблеми во натпреварувањата во светот, па многу федерации се одлучија да го променат системот на натпреварување со цел да ја спасат сезоната или да им удоволат на тимовите. Така е и во Литванија каде Управниот одбор на Литванската кошаркарска лига (ЛКЛ) одлучи оваа сезона да не отпадне ниту еден тим, а од следната сезона лигата наместо 10 ќе брои 11 екипи со тоа што првакот на Националната кошаркарска лига ќе се приклучи на прволигашите.
За македонскиот стратег Никола Василев и неговата Џукија тоа значи сигурно место во Првата лига и следната година без разлика на крајниот изглед на табелата оваа сезона. Џукија и пред промените беше на добар пат да го осигура местото во „елитата“. По 31 одигран натпревар „зелените“ имаат скор од 10 победи и 21 пораз, една победа повеќе од последнопласираниот Неважис, против кој имаат и четири триумфа оваа сезона.
Покрај тоа составот на Василев останува во игра за разигрувањето за титула и моментално се наоѓа на една победа зад осмото место, но за истото се потребни победи на преостанатите пет меча на кои Џукија ќе се сретне со Нептунас, Јувентус, Пиено, Ритас и Лиеткабелис.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА