ЕКИПА ИНТЕРВЈУ – ИВА ПРОЈКОВСКА: Не е важно од каде доаѓаш туку колкаво срце имаш

Отворено со најдобрите македонски спортисти. Оние кои секојдневно ги красат спортските страници, но и со оние подзаборавените. Нивните успеси, размислувања, желби и очекувања пред идните спортски предизвици – секој вторник на ЕКИПА.МК.

==========================================================================================================================

Најдобрата македонска фудбалска судијка, Ива Пројковска отворено за ЕКИПА.МК говореше за нејзината досегашна судиска кариера и како се справува со предизвиците на фудбалските  терени. 

Таа за ЕКИПА.МК говореше и за честа која ја доби да го свири финалето на Европското првенство до 19 години во 2019 година, но и за тоа што се најде меѓу 20 елитни судијски во Европа. 

Пројковска ни откри и неколку интересни детали од натпреварите во Македонија, како и одличниот гест кој го имале од фудбалскиот клуб Тиквеш кои и подариле цвеќе 

==========================================================================================================================

ГОЛЕМО ПРИЗАНИЕ ЗА МЕНЕ Е ТОА ШТО СУМ ВО 20 ЕЛИТНИ СУДИЈКИ ВО ЕВРОПА

Неодамна доби место меѓу 20 елитни судијки во Европа. Што значи ова за тебе и дали е дополнителен мотив да продолжиш напорно да работиш? 

Ова е големо признание за мене и значи дека се што вложував во себе и сите одрекувања сите овие 18-19 години вределе… Трудот се исплатеше, желбите и целите почнуваат да се остваруваат и мотивот е сега уште по голем да продолжиме кон остварување на останатите цели… Дефинитивно претставува дополнителен мотив да продолжам напорно да работам и да испишеме уште некоја историја за македонскиот фудбал.

Им имаш судено на едни од најголемите клубови во светот Реал Мадрид и Барселона. Дали чувствуваше притисок и трема пред почетокот на натпреварите?

Па некоја позитивна трема постои пред секој натпревар не само кога судам на Реал Мадрид и Барселона, меѓутоа притисокот на ваквите натпревари е поголем поради тоа што овие натпревари сите ги гледаат, има камери на секаде низ теренот, мора да внимаваме на се, а и штом сме делегирани на таков натпревар значи се очекува од нас да дадеме максимум. Најважно од се е да уживаме во натпреварот и во моментот кој ни е даден.

Беше главен арбитар и на финалниот меч на Европското првенство 2019 година до 19 години. Колку во тој момент ти значеше довербата која ја доби од судиската комисија на УЕФА и дали овој меч ти помогна многу понатаму во кариерата? 

Искрено тој натпревар ми беше доказ дека без разлика од каде доаѓаме и колку нашата држава е мала, ако се трудиме, вредно работиме и имаме некоја цел во животот може да ја оствариме бидејќи тоа некој го препознва, почитува, цени и на крај наградува. Пред овој финален натпревар судев на две завршници У17 и У19 и на двете бев на финалниот меч меѓутоа како 4 судија и се некако ми бегаше финалето, меѓутоа третата завршница беше среќна за мене. Добро ги отсудив квалификациските натпревари и на крај стигнав до финалето. Секое финале е отскочна даска за понатаму во кариерата па така и тие европски првенства и сите останати натпревари имаат придонес за скок во кариерата.

ЧЕСТ И ЗАДОВОЛСТВО Е ШТО СУМ ПРВА МАКЕДОНСКА СУДИЈКА ШТО ГИ РАЗБИВА СИТЕ СТЕРЕОТИПИ!

Прва македонска судијка си со ФИФА значка, колку значи ова за тебе и како е да се биде женски фудбалски судија во Македонија? 

Чест и задоволство ми е што сум првата македонка што ги разбива сите стереотипи за тоа дека една жена може успешно да се бори и во светот на т.н “машки„ спорт, а уште поголемо e задоволството што токму едно женско до сега напиша две истории за македонскиот фудбал – прв судија на финален натпревар на едно европско првенство и прв судија во елитна група на судии. Инаку не е лесно да се биде женски, па ниту машки судија во Македонија, меѓутоа секако поддршката од колегите посебно од меѓународните судии (поранешни и сегашни) е голема па полесно ги поминуваме сите препреки.

Судиш натпревари од втората македонска фудбалска лига. Има ли некоја интересна случка која е интересна да ја споделиш?

Има многу случки, меѓутоа ќе ги тргнеме негативните на страна, па ќе спомнам една убава случка.. Затоа што го спомнавте финалето У19, после него бев делегирана на КУП натпреварот на Македонија меѓу екипите на ФК Тиквеш и ФК Љуботен и за мое огромно изненадување, домашната екипа на ФК Тиквеш од Кавадарци, знаејќи за мојот постигнат успех, пред натпреварот искрено позитивно ме изненади со буќет цвеќе. Тоа е мал гест, меѓутоа со големо значење во мојата судиска кариера.

Кога судиш машки фудбалски натпревари како се однесуваат актерите на теренот со тебе и дали некогаш си имала некој поголем проблем? 

Во принцип има голем дел што се коректни и не им значи кој е на средина на теренот се додека судијата си ја врши својата задача како што треба, меѓутоа постојат и голем број што мислат дека може да направат притисок и дека ние женските ќе потпаднеме под нечие влијание, а има и такви што сакаат да покажат дури и сила меѓутоа на крајот и едните и другите може да добијат само картон. Што се однесува до проблемите ги има, не може да кажам дека нема, меѓутоа се помалку и обично во пониските лиги.

ЉУБОВТА КОН ФУДБАЛОТ МИ Е ОД МАЛИ НОЗЕ

Од каде љубовта кон фудбалот и како се одлучи да влезеш во судиските води?

Љубовта кон фудбалот почна како дете кога во маало и во училиште игравме фудбал со своите другарчиња… Па подоцна почнав и да тренинрам женски фудбал кога дознав дека постои во Македонија… А со тек на време поради тоа што често бев казнувана за недозволена позиција – офсајд влегов во судиските води, да видам како тоа изгледа од другата страна.

Дали следиш фудбал во слободно време и за кој тим навиваш?

Па искрено многу малку слободно време имам за телевизија, меѓутоа кога сум во можност ги следам големите настани на сите континенти… а кога имам можност и во живо ги следам…, а немам фудбалски тим за кого навивам… секогаш сум на страна на судискиот тим.

Што сака да прави Ива во слободно време кога е надвор од фудбалските терени? 

Слободно време ретко и да имам, а кога имам се обидувам што повеќе да го искористам за дружење со другарите и пријателите, спортски активности како возење велосипед, планинарење, водени спортови… патувања и слично…

Се вчитува...