Хрватска по голема битка го совлада Исланд со 23-22, дуел што го одбележаа бројни пресврти, за на крајот да биде решен со гол на ракометарот на Вардар, Анте Гаџа. Исланд прокоцка „плус пет“ во првото полувреме, во вториот дел иста предност имаше и Хрватска, но Исланѓаните покажаа карактер и се вратија во мечот. Сепак, во клучните моменти блесна голманот Пешиќ, за Гаџа со својот прв гол на мечот да им ја донесе победата на „коцкестите“.
Исландските ракометари полни со самодоверба по големиот триумф над Франција одлично го почнаа и денешниот дуел, зголемуваќи ја предноста до „плус пет“ по дваесетина минути игра (10-5). Хрватскиот селектор Хорват тогаш се реши за „седум на шест“, тактика што му вроди со плод, Хрватите изнудија четири пенали во низа што Чупиќ ги претвори во голови од седум метри, па на одмор се замина со само два гола предност за исландскиот состав (12-10).
Добриот финиш на првиот дел ја зголеми самодовербата кај „коцкестите“, кои подобро го отворија второто полувреме, поведувајќи со 13-14 и 14-15, пред се благодарение на одличниот Пешиќ на голот, кој во 40. минута веќе имаше 10 успешни интервенции. Исландскиот селектор побара тајмаут, но кризата на неговите ракометари продолжи, а „коцкестите“ со нов прекрасен гол од цепелин за првпат на мечот стигнаа и до три гола предност (17-14).
Гудмундсон набрзина беше принуден и на втор тајмаут откако неговите избраници за 15 минути игра во второто полувреме постигнаа само два гола, но и тоа не вроди со плод, Пешиќ продолжи со брилијантни интервенции, а водството на Хрватска се зголеми на „плус пет“ (19-14). Исланѓаните не се предадоа, во наредниот период влегоа во серија и во 53.минута со проектилот на Асгеирсон израмнија на 21-21, на седум и пол минути до крајот. Исланд имаше исклучен ракометар, но Лука Циндриќ загуби две топки во ситуации со играч повеќе на теренот, па противникот поведе со 21-22. Кога беше најважно, рацете на Исланѓаните почнаа да се тресат, „сино-белите“ промашија два чисти шутеви за „плус два“, потоа и зицер при 22-22, по што „вардарецот“ Гаџа со гол на десетина секунди до крајот донесе триумф на Хрватска со минимални 23-22.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА