Данска остана со максимален ефект на ЕП 2022 откако ривалот на Македонија од групната фаза вечерва лесно и убедливо ја совлада и селекцијата на Холандија (35-23). Со овој триумф, Данците станаа прва селекција со обезбеден билет за полуфиналето, без оглед на исходот на нивниот последен меч во Будимпешта, против Франција закажан за среда. „Лалињата“ настапија драстично ослабени на натпреварот, на долгата листа на корона – заразени се приклучи и најдобриот стрелец Каи Смитс, а во игра вечерва не влезе ниту асот на ПСЖ, Лук Стајнс.
Во една таква ситуација, „лалињата“ со сериозно ослабен состав немаа никаква шанса да му парираат на актуелниот светски првак. Данска го отвори мечот со 4-1, нешто подоцна поведе со 10-6, а фуриозниот крај на првото полувреме им овозможи на избраниците на селекторот Јакобсен да заминат на одмор со убедливи „плус девет“ (21-12). Во ситуација кога победникот беше решен, данските ракометари рутински го контролираа резултатот до самиот крај.
Гидсел одигра перфектен меч за Данска постигнувајќи девет гола од исто толку обиди, додека по седум погодоци постигнаа Микел и Јохан Хансен. Во таборот на Холандија во отсуство на клучните играчи најефикасни вечерва беа Бајенс со шест и Јансен и Ставаст со по четири погодоци.
Судии на овој натпревар беа македонските арбитри Ѓорѓи Начевски и Славе Николов, кои немаа многу работа при овој рутински триумф на светските шампиони.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА