Данска ќе ја има улогата на фаворит на денешниот прв полуфинален дуел против актуелниот европски првак Шпанија, според моментната форма, но и традицијата која вели дека Данците ја совладале „црвената фурија“ на последните четири меѓусебни дуели. Данска беше подобра во двете полуфиналиња одиграни лани, со 35-33 на СП 2021 во Египет и со 27-23 во битката за влез во финалето на ОИ во Токио.
Сепак, селекторот Николај Јакобсен ги предупреди своите избраници да не очекуваат лесна битка бидејќи Шпанците секогаш биле незгоден ривал за неговиот состав.
„Традицијата не секогаш дава точни информации, но за нас е многу важно што сега имаме самодоверба дека можеме да ја победиме Шпанија на клучните натпревари. Најдовме добар начин да играме против нив, играчите се самоуверени во она што го прават на теренот. Сепак, тоа не значи дека ќе ни биде лесно. Во шпанската игра се уште ја има онаа стара рутина, но имаат и неколку нови ракометари кои го кренаа нивото на оваа репрезентација. Сега играат многу побрзо во нападот и сигурно ќе бидат максимално мотивирани, не се сомневам дека ќе „грицкаме нокти“ до самиот крај, бидејќи ќе биде неизвесно до завршницата на ова полуфинале“, истакна Јакобсен.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА