Шпанија и Шведска ќе излезат денеска во 18 часот на мегдан во арената во Будимпешта, во големото финале на ЕП 2022 што ќе даде одговор дали Шпанците ќе ја продолжат својата доминација на европската ракометна сцена, или „сино-жолтите“ од Скандинавија по пауза од дваесет години ќе се вратат на тронот.
„Црвената фурија“ со фантастична одбрана успеа да го неутрализира данскиот напад и да го совлада актуелниот светски првак во полуфиналната пресметка, обезбедувајќи си рекордно четврто финале во низа.
„Горди сме на она што го направивме во текот на целиот шампионат. Четири финалиња по ред, тоа е доказ колку е силен шпанскиот ракомет. Не знаеме како стигнавме до овде, но тука сме и ќе сториме се за да освоиме ново злато“, изјави Жоан Канелјас, еден од лидерите на „црвената фурија“.
Шведска ќе се обиде да се одмазди за поразот во финалето од ЕП 2018 во Загреб, а ниту традицијата не им оди во корист на скандинавците, ако се знае дека последната победа над денешниот ривал ја забележаа во 2009 година. Оттогаш овие две репрезентации имаат осум дуели, сите осум завршија со триумф на Шпанците, последната во четвртфиналето од ОИ во Токио, со минимални 34-33.
„Ова е финале, почнуваме со 0-0 и пред нас се 60 минути ракомет меѓу две одлични селекции. Јасно е дека сите ќе сториме се за да победиме, се надевам дека ние ќе се радуваме на крајот“, истакна шведскиот голман Андреас Паличка, херојот во полуфиналната победа над Франција.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА