По големата победа во вечното македонско дерби против Вардар, ракометарите на Еурофарм Пелистер немаат многу време за одмор пред новите предизвици и дуелот со хрватскиот Нексе во осминафиналето од Лигата на Европа. Тренерот на „зелено-белите“ Жељко Бабиќ вели дека Вардар е веќе минато и сега се сконцентрирани на натпреварот против хрватскиот клуб.
Бабиќ се соочува со истиот проблем како и за дербито со Вардар, па и денеска на располагање ќе го нема капитенот Јосип Периќ, како и десниот бек Мартин Велковски, за кого оваа сезона предвреме заврши.
Еурофарм Пелистер и лани стигна до нокаут-фазата, каде што беше елиминиран од германски Магдебург, но Бабиќ и неговите избраници се оптимисти дека оваа сезона ќе го продолжат настапот во Лигата на Европа на ЕХФ.
„Се одлучивме да го подготвуваме натпреварот против Вардар и тоа добро испадна. Треба побрзо ментално да се одмориме и со истата енергија и желба да се обидеме да обезбедиме што е можно подобар резултат против Нексе. Тие се добра дефанзивна екипа и тркачки добра екипа. Веќе имавме еден натпревар против нив, тоа беше добро искуство. Верувам дека ќе се одмориме, ќе се подготвиме и ќе бидеме подготвени на нивното брзо трчање, на нивниот брз центар и на агресивната одбрана“, изјави Бабиќ.
Слично размислува и хрватскиот десен бек Матео Мараш…
„Подготвени ќе бидеме и ќе оставиме срце на терен. Нексе е незгоден ривал, имаат добра транзиција, цврсти се во одбрана, играат на многу голови и тоа се некои работи кои треба да им ги затвориме за на крајот да победиме“, изјави Мараш.
Натпреварот меѓу Нексе и Еурофарм Пелистер кој ќе се игра во Нашице е со почеток во 18.45 часот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА