Еурофарм Пелистер го отпушти тренерот Валтер

Ларс Валтер повеќе не е тренер на Еурофарм Пелистер откако македонскиот вицепрвак донесе одлука да ја прекине соработката со овој стратег. Данецот пристигна како големо засилување за стручниот штаб на местото на Жељко Бабиќ, надежите беа дека ќе го одведе Пелистер на уште повисоко ниво од својот претходник, но тој не успеа во тоа, па беше елиминиран уште во групната фаза од Лигата на Европа на ЕХФ.

„Пелистерци“ долго размислуваа околу иднината на тренерот, но на крајот пресекоа дека неопходно ќе биде да дојде до смена на кормилото, како шок терапија пред клучните битки со Вардар во трката за титулата во македноскиот шампионат.

„РК Еурофарм Пелистер ја известува јавноста дека денес спогодбено го раскина договорот со тренерот Ларс Валтер. Иако имаше потпишано соработка до јуни 2024 година, данскиот стручњак се согласи за разделба со нашиот клуб, како последица на лошите резултати во Европа оваа сезона. Клубот е горд на изборот и соработката со врвен професионалец и ракометна личност како Ларс Валтер. Целосно сме благодарни на неговиот ангажман, пристап и работа. Во неговиот период Еурофарм Пелистер го освои Суперкупот на Македонија и првпат играше на завршниот турнир на СЕХА Гаспром лигата. Веруваме дека оваа одлука ќе предизвика реакција кај тимот во невралгичниот дел на сезоната. На Ларс му посакуваме многу успех во понатамошната кариера и вратите од нашиот клуб секогаш ќе бидат отворени за личност како него. На утрешниот натпревар против Пролет екипата ќе ја води првиот асистент на Валтер, Божидар Мојсов, а од понеделник клубот ќе го именува новиот тренер“,  објави Еурофарм Пелистер на официјалната веб-страница.

Се вчитува...